Не стивнуваат реакциите во јавноста, изразени главно на социјалните мрежи откако синоќа беше објавен истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 лица.
Од ИРЛ во филмот изнесуваат нови факти за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица кои, според нив, „покажуваат саботирани истраги и прикривања на пропустите при градењето на модуларните објекти од страна на одговорни лица во институциите“.
Тие најавија дека ќе ги објават документите на кои што се базира истражувањето заедно со пресек на клучните настани кои довеле до трагедијата и, како што велат, „до прикривањето на виновниците“.
Од Јавното обвинителство преку соопштение ги отфрлија наводите за текот на истрагата. Тврдат дека „со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации“.
– И вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово. Дополнително, во емисијата воопшто не се наведени заклучоците од вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата и со кое исто така јасно се посочува дека основна причина за брзото горење на модуларната болница е големата концентрација на кислород во објектот, велат од Обвинителството.
За да се спречи ширењето на невистини и манипулации за овој трагичен настан, јавниот обвинител, Љубомир Јовески иницира да се одржи јавна седница на Апелацискиот суд на која уште еднаш пред јавноста ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка.
– Јавното обвинителство е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во ковид болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите, наведуваат од Обвинителството.
извор: DW