Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара да продолжи собраниската седница за уставни измени

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска поднесe барање за свикување продолжение на 123 седница, на која што единствена точка на дневен ред е Предлог за утврдување на потреба за измени во Уставот на Република Северна Македонија.

– Целта на ова барање е да не се одолговлекува процедурата и да се стави на гласање потребата од носењето на уставни измени – рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска.

Таа рече дека одолговлекувањето на оваа седница нема да донесе ништо добро за државата.

– Македонската јавност е сведок на изживувањето што се врши врз Уставот на Република Македонија. Власта, предводена од СДСМ и ДУИ, е свесна дека нема доволен број на пратеници за да изгласа потреба за нови уставни измени и свесно го одолговлекува овој процес. Сакаме да им порачаме дека, ниту сега, ниту во иднина, нема да има двотретинско мнозинство за уставни измени под бугарски диктат. Затоа бараме Талат Џафери да не го злоупотребува Деловникот, да закаже продолжение на седницата и конечно да ја завршиме оваа фарса на власта и да пратиме порака дека не може кој како сака и кога сака да ни го менува Уставот – рече Стојановска.