Откако длабока кал со денови ги блокираше пристапните патишта до пустинскиот фестивал „Брнинг Мен“ (Burning Man), десетици илјади посетители од понеделникот (4 септември, 2023) попладне, по локално време можат да го напуштат местото во американската сојузна држава Невада. „Забраната за возење е укината“, соопштија организаторите.
Во раните попладневни часови околу 64.000 луѓе се уште се наоѓаа на фестивалскиот ареал среде пустина. Во неделата вечерта организаторите објавија дека едно лице загинало. Како дошло до смртта на овој посетител на фестивалот сѐ уште е нејасно. Истрагата се уште е во тек, соопштија локалните власти.
Фестивалот, кој се одржува на локација која е оддалечена речиси два часа возење со автомобил од најблискиот мал град, така можеше да заврши по девет дена како што беше планирано. Запалувањето на „Брнинг Мен“ – огромната дрвена статуа, кое претходно двапати беше одложено – беше најавено за понеделникот вечер.
Обилниот дожд го претвори фестивалскиот ареал кој се наоѓа на површината на исушено езеро во вистинско мочуриште од густа кал. Автомобилите беа зглавени на калливиот терен, а со денови самона возилата на итната помош им беше дозволено да влезат или да излезат од фестивалскиот ареал. Организаторите обезбедија возила со погон на четири тркала за итни медицински случаи.
„Брнинг Мен“ е култен фестивал во САД, кој опфаќа музички и уметнички настани што привлекуваат околу 75.000 луѓе секоја година – вклучувајќи уметници, техно обожаватели, пиротехничари, но и љубопитни од целиот свет. Во пустината, учесниците градат привремен град наречен Блек Рок Сити од шатори, приколки и мобилни домови.
DW