За 19 кражби на луксузни автомобили на Халкидики, во вредност од над еден милион евра, се товарат членовите на криминалната организација, која ја разби грчката полиција, при што уапсени се тројца мажи и се трага по уште три лица вклучени во предметот, сите државјани на Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека уапсените се странски државјани, меѓутоа според информациите на дописничката на МИА од Атина, станува збор за шестмина државјани на Македонија, од кои тројца се уапсени и по тројца се трага, од кои двајца се веќе идентификувани.
Едниот од уапсените бил откриен во регионот на Халкидики од полицајци од станицата во Полигирос, додека возел украдено возило од странски државјанин, одземено по провала во туристички објект на Халкидики.
Во рамките на континуираната истрага на полицијата биле откриени и другите две уапсени лица, кои се обиделе да преземат украдено возило кое нивни соучесник во претходниот период го украл од регионот на Халкидики, а намерата била да го пренесат во странство.
Конкретното возило било скриено во реонот на Козани, одземено е и ќе му биде вратено на сопственикот.
Во однос на методологијата, од грчката полиција објаснија дека членовите на организацијата првично ги лоцирале луксузните возила на туристи на Халкидики, потоа упаѓале во куќите со цел да ги земат клучевите за потоа да ги украдат возилата.
Секој од членовите имал конкретна улога, што се однесува на координација на криминалната организација, лоцирање на возилата, вршење на кражбите и транспортирање на автомобилите во странство.
-Од досегашната истрага произлезе дека уапсените заедно со нивните соучесници, во последниот квартал, се вклучени вкупно: во 18 кражби на возила на различни области на Халкидики, од кои седум украдени возила, се пронајдени; во една кражба на возило на подрачјето на Солун и во една кражба на регистарски таблички од паркирано возило на подрачје на Солун. Вкупната вредност на украдените возила надминува еден милион евра, според оштетените. Исто така, од куќите одзеле и пари, електронски уреди, часовници и слично, чија вкупна вредност надминува 60.000 евра, соопштија од грчката полиција.
Уапсените биле изведени пред јавен обвинител.
Извор: МИА