DW: Уставните измени биле македонска иницијатива, тврди Османи

Уставните измени биле македонска инцијатива, односно „наш начин за да излеземе од историско-идентитетска група спорни прашања со Бугарија“, тврди шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Во интервју за порталот „Фронтлајн“ тој објаснува дека во односите со Бугарија имало две траектории: историско-идентитетската дебата и прашањето на малцинските и човековите права на бугарското заедница во РСМ. Според Османи, РСМ ја одбила историско-идентитетската дебата, а со иницирање на уставни измени свесно го поместила тежиштето на процесот во поле кое што нам ни одговара.

„Иако имаше обид целиот фокус во дискурсот со Бугарија да се стави на овој историски и идентитетски корпус на прашање, ние успеавме – не само да направиме такво поместување, туку и да ја убедиме Европската унија дека целиот дискурс со Бугарија ќе се става низ призмата на малцинските и човековите права. Уставните измени се парадигма на тие малцински и човекови права. Уставните измени беа наш начин како да излеземе од оваа историско-идентитетска група на спорни прашања со Република Бугарија. И доколку не ги направиме уставните измени, кои беа на наша иницијатива, ние тогаш оставаме простор повторно дискурсот да се врати на претходните прашања и тоа не е наш интерес“, вели Османи.

Отткука, не му е разбирливо зошто има отпор кон уставните измени, ако тоа е спротивно на државните и националните интереси, посебно на интересите на Македонците. Смета дека единствената причина за тој отпор е што сè се калкулирало низ призма на изборите од страна на оние кои се обидуваат да ја злоупотребат фрустрацијата и емоцијата на граѓаните поради тешкиот пат низ којшто помина земјата, за да ја претворат во гласови, а утре повторно да ги имплементираат истите одредби, но од нивна позиција на власт.

Османи потенцира и дека не може ништо да се смени од преговарачката рамка.

„Преговарачката рамка е компромис којшто сме го прифатиле, затоа што сметавме дека е во наш интерес тоа што овие историски и идентитетски прашања не влегоа во преговарачката рамка. Прашањето за јазикот се утврди како конечно решение без никакви додавки. Потоа, историските прашања не влегуваат во делот на преговарачката рамка за кои има писмен извештај од Европската комисија и за кои се гласа во Европскиот совет, туку влегоа само малцинските права и човековите права – значи уставни измени и Акциски план за малцинства. Тоа е наше свесно поместување на тежиштето на процесот во поле каде што нам ни одговара. Затоа што ние сме најдобри во човековите права, ние сме најдобри во колективните права и сакаме да играме на терен каде што ние сме најдобри, а не на терен каде што нема објективна проценка и фактот дека сме во асиметрична позиција – тие во ЕУ, ние надвор – секако ние ќе бидеме оштетени од тој процес“, вели Османи.

 

DW