Научниците во Јапонија спроведоа истражување и открија дека во облаците се наоѓаат честички на микропластика кои се штетни по човековото здравје, пренесува Анадолу.
Истражувањето е спроведено на јапонскиот Универзитетот „Васеда“.
Научниците собраа примероци од облаците на надморска височина од 1.300 до 3.776 метри на планините Фуџи и Ојама и ги испитаа со напредни техники за снимање.
По испитувањето на примероците, во облаците пронајдени се девет различни видови полимери.
Истражувачите утврдија дека во секој литар водена пареа во облаците се наоѓаат просечно од 6,7 до 13,9 честички на микропластика и нагласија дека оваа ситуација може да влијае на климата.
„Ако не се реши проблемот со загадувањето на воздухот со пластика, може да се појават климатски промени и еколошки ризици кои во иднина ќе предизвикаат сериозна неповратна штета врз животната средина“, нагласи Хироши Окочи, еден од истражувачите.
Деталните резултати од истражувањето се објавени во списанието „Environmental Chemistry“.
извор: Анадолу.
фото:Анадолу.