„За да има проширување на Европската Унија, кандидатите за членство мора да ги спроведат реформите, а ЕУ од своја страна мора да се подготви за нивниот прием. Ова е првпат по многу години да имаме дебата на високо ниво за вакво фундаментално и важно прашање.“
Ова го изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, при пристигнувањето на денешниот неформален самит на ЕУ што се одржува во шпанскиот град Гранада, најавувајќи ја сесијата за најважната тема.
Празната реторика веќе никого не импресионира
– Ова ќе биде важен состанок на Европскиот совет, бидејќи ќе претставува стартна точка за стратешката агенда на ЕУ. За нас е важно да расчистиме неколку работи: што сакаме во иднината, кои се нашите приоритети и која е нашата идна политика, за да дојдеме до перспективата на проширувањето – додаде Мишел.
Самитот во Гранада до сега беше оптоварен со расправа за војната во Украина и кризите во односите меѓу Азербејџан и Ерменија и меѓу Србија и Косово. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел изјави дека доаѓањето на Украина како нова земја кандидат „ги турка останатите во редот и редот брзо ќе се движи“ кон „политичкиот хоризонт“.
Но, ваквата реторика, се чини, никого веќе премногу не импресионира. Како ни лицитацијата со датумите и со „хоризонтите“. Самиот Мишел, „автор“ на датумот 2030 година, навести дека самитот во Гранада сепак ќе мора да финишира со расправа на најчувствителните теми поврзани со прашањето на политиката на проширување. Тој изјави дека во рамките на ЕУ треба да се реши и прашањето за начинот на носење на заеднички одлуки, како и за тоа како ќе биде платена реализацијата на заедничките цели и политики на Унијата, најавувајќи дека главна тема на расправа ќе биде новиот германско-француски предлог.
Каква би била таа четирислојна Европа?
Франција и Германија уште на 19 септември пред Министерскиот совет на ЕУ доставија предлог за внатрешни реформи, кои ќе овозможат успешно функционирање на ЕУ по нејзиното проширување на 30 или повеќе членки. Детали од планот, подготвен од независна група експерти на барање на Берлин и Париз, обелоденија „Фајненшел тајмс“ и „Гардијан“, по што тој предизвика бура реакции во Европа.
Што предвидува овој план?
Пред сѐ, планот предвидува целосно нова архитектура на Унијата и нов пристап во процесот на проширување. Во ЕУ би имало четири слоја на интеграција. Во првиот, најтесен слој, би биле земјите кои се во монетарната унија и во Шенген зоната. Во вториот слој би биле останатите членки на ЕУ. Во третиот слој би биле придружните членки, чиј главен бенефит би бил пристапот на единствениот европски пазар, поради што ќе се придржуваат до заедничките принципи на ЕУ. Четвртиот слој е Европската политичка заедница, форумот на европски лидери кој вклучува земји внатре и надвор од ЕУ, инициран од Париз.
Осум земји во моментов имаат официјален кандидатски статус во ЕУ: Турција, Украина, Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Две земји, Грузија и Косово, се потенцијални земји-кандидати.