Демократски сојуз: Алчни за пари и власт, ДУИ и СДСМ го урнисаа правниот поредок

Од Демократски сојуз велат дека со измените на Кривичниот законик, со предлог законот за амнестија и со најавената трета амнестија или ставање во сила на одлуката за аболиција на Ѓорге Иванов, ДУИ и СДСМ дефинитивно го урнисале правниот систем во државата и создале предуслови мафијата да владее во Македонија, да трупа капитал и да ги блокира евроинтеграциите.

Вакво мафијашко владеење нема ниту во јужноамериканските држави! Многу е опасно што угледни професори по казнено право за пари се ставија во одбрана на измените во Кривичниот законик и амнестијата на тешки криминалци. Во државата никој не верува дека сте загрижени за пренатрупаноста во затворите туку затоа што сте алчни за пари и власт, велат од Демократски сојуз.

Според нив, со ваквите одлуки само се блокира Македонија на европскиот пат.

Не можеме да веруваме дека ЕУ и САД очекуваат со овие криминални владини активности да го промените Уставот. Сериозен проблем е тоа што меѓународната заедница не реагира на соодветен начин што власта го злоупотребува како наводна нивна поддршка за ова невидено разнебитување на државата и правниот поредок, дополнуват од Демократски сојуз.

извор: Демократски сојуз