Станковиќ: Несериозно и недомаќински е СДСМ да гласа 2 милиони евра за ЈСП и Арсовска без било каков отчет

Ценев дека околу ова прашање треба да се произнесам и да го кажам моето мислење и мојот став бидејќи некако провејува за жал во јавноста дека Советот е тој што ја кочи работата на Јавното сообраќајно претпријатие. Јас имам сосема поинаков впечаток за тоа и затоа сметав дека треба денеска и да се произнесам на повторното враќање на барањето да се одобрат субвенции од страна на Советот на Град Скопје во висина од 110 милиони денари за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие, ЈСП – Скопје, истакна советникот на Советот на Град Скопје, Малиша Станковиќ на денешната седница за советнички прашања.

Станковиќ потсети дека откако ги добиле мандатите како советници една од првите точки кои што биле на Дневниот ред се извештаите за состојбата на јавните претпријатија.

„Ако се сеќавате на почетокот кога го добивме мандатот како советници заедно со градоначалничката, една од првите точки кои што ни беа на Дневниот ред беа токму извештаите на јавните претпријатија. И таму ја видовме и онака познатата лоша состојба во која што се наоѓа Јавното сообраќајно претпријатие односно ЈСП – Скопје. Тогаш донесовме заклучок дека треба во најбрзо можно време да се преземат одредени активности и чекори како би се надминала таа лоша состојба која што ја видовме преку доставените извештаи“, појасни советникот.

Тој рече дека советниците констатирале дека извештаите голем дел од работите ги скривале. Нешто слично се случува и во сегашните извештаи пратени од јавните претпријатија. Конкретно ЈСП – Скопје може да се види дека во првото тромесечие има една форма на извештај, а во второто тромесечие друга форма. И фалат ставки за да не може до крај да се види точно каде идат и како се трошат предвидените средства.

„Иако ние како Совет баравме воедначување на пристапот при поднесување на Извештаи. Но, тоа ќе го зборуваме кога ќе дојдат оние годишни извештаи“, укажа советникот.

„После настана состојба на промена на директор, градоначалничката иако не е присутна тука го фалеше претходниот директор дека бил многу добар, дека тој ќе ја оправи работата, дека бил чесен и сл. Меѓутоа за кратко време видовме дека освен закана кон колега советник веднаш му се случи штрајк во претпријатието од страна на вработените бидејќи не земаа плати, тој влезе во конфликт со синдикатот, но набрзо дојде и реакцијата од градоначалничката која што баш во тој период и го раскина договорот со тогашните приватни превозници. Во таква една состојба ја дочекавме првата година каде што и тогаш од советниците беше побарано итно да изгласаат дополнителни субвенции за да вработените можат да земат плата“, потсети Станковиќ.

Тој рече дека сака да ја потсети градоначалничката иако не е тука дека на 12-ти декември минатата година Советот донесе одлука да се достави извештај за севкупното работење на ЈСП – Скопје. И тогаш како Совет даде рок од седум дена да биде доставен тој извештај. Година дена подоцна односно дали советниците добија извештај. Не!

„Не добивам извештај, органот кој што го има направено јавното претпријатие не добива извештај. Ги добиваме про форма извештаите кои законски одат тромесечни, шестмесечни, деветмесечни и на крај годишни. Меѓутоа тоа е запазување на законската форма. Законска форма е и органот кој што го формирал претпријатието да побара вонреден извештај за работата на претпријатието“, нагласи тој.

Советникот рече дека 11 месеци веќе поминаа, а не добија одговор што се случува со претпријатието.

Извор: ВМРО ДПМНЕ