На хируршки тим од САД, според сопствени наводи, му успеала прва целосна трансплантација на око во светот, објави dw.com.
Дали пациентот некогаш ќе може да гледа со донираното око, се уште е нејасно, како што објави медицинскиот центар NYU Langone Health. Директниот проток на крв во мрежницата, преку која се прима светлина и на тој начин се испраќа слики до мозокот, е добар знак. Окото, по операцијата во мај во 2023 година, генерално добро се развило.
46-годишниот пациент Арон Џејмс поради струен удар на високонапонска линија додека работел го изгубил левото око и делови од лицето, како што објави центарот во образложението за операцијата.
На 21-часовната операција, според наводите, присуствувале повеќе од 140 хирурзи, медицински сестри и други здравствени работници како тим на пластичниот хирург Едуардо Родригез. Трансплантацијата била можна поради тоа што при отстранувањето на левото око на Џејмс оптичкиот нерв му бил отсечен што е можно поблиску до очното јаболко, како што објасни Родригез. Колку е подолга должината на нервот, толку е поголема веројатноста за последователна трансплантација, соопшти NYU Langone Health.
Тимот околу хирургот Родригез и семејството на Џејмс ја донесле одлуката за целосна трансплантација на окото во комбинација со веќе планираната трансплантација на лице. „Споредено со фактот што на Арон му беше потребна трансплантација на лице (…), ризикот од трансплантацијата на око беше многу мал во однос на добивката“, вели Родригез.
Дури и ако Џејмс не може повторно да гледа, постапката е од извонреден успех од естетичка гледна точка.