Зошто мажите умираат помлади од жените?!

Погледнете во просечен дом за стари лица или во групата повозрасни познаници и ќе забележите голем дисбаланс во застапеноста на половите. Мажите се поретко меѓу 85-годишните и постарите од нив. Општоважечко правило е дека мажите умираат порано и бројките тоа и го покажуваат.

Во Германија, во 2022 година, на пример, мажите имаа просечно животно очекување од нешто повеќе од 78 години, додека пак жените од 82,8 години.

Во САД просечниот животен век за жените беше околу 79 години во 2021 година, додека за мажи нешто над 73 години. Таквиот јаз од 5,8 години е најголемиот забележан од 1996 година до денес.

Во нова студија, американски истражувачи објаснуваат дека за растечкиот јаз се виновни екстерни фактори, меѓу кои пандемијата со Ковид-19. Во документот објавен во журналот за интерна медицина ЈАМА, во ноември 2023 година, авторите велат дека пандемијата диспропорционално се одразила врз мажите во САД и придонела за намалување на нивните животни очекувања.

Другите главни фактори за пократкиот животен век на мажите е она што истражувачите го нарекуваат „смрт од очај”, односно животи скратени со самоубиства, зависности или насилни злосторства, на пример.

„Додека степенот на смртни случаи од предозирање со дроги и убиства е зголемен и за мажите и за жените, сепак е јасно дека мажите сочинуваат диспропорционално голем број на овие смртни случаи”, вели главниот автор на студијата, Брендон Јан.

Меѓу причините за рана смрт – опасни професии и срцеви болести
Има и други причини за јазот во животните очекувања на мажите и жените. Роберт Х. Шмерлинг, ревматолог и уредник на публикациите за здравство на Харвард, наведува факти како тоа дека мажите во просек повеќе прескокнуваат редовни прегледи, како и тоа дека се во многу поголем број застапени во опасни професии како противпожарни или воени служби.

Шмерлинг исто така посочува дека мажите многу почесто извршуваат самоубиство отколку жените. Една можна причина за тоа е стигмата која е поврзана со грижата за менталното здравје во многу култури, посебно кога се во прашање мажи.

Друг фактор, според медицинскиот експерт, се срцеви болести. Мажите во САД имаат за 50 проценти поголема веројатност да умрат од срцев удар отколку жените.

Во Европа мажите поминуваат подобро
Надвор од САД, намалувањето на кардиоваскуларни болести кај мажите е причината што се намалува јазот меѓу половите.

Тим на автори од Германскиот сојузен институт за истражување на популацијата ги разгледуваше животните очекувања според полот во Австрија, Чешка, Данска, Франција, Германија, Словачка и Швајцарија и откри дека разликата во смртноста меѓу половите е намалена.

Резултатите објавени во Европскиот журнал за јавно здравје од јули 2023 година покажуваат дека намалувањето на јазот во животните очекувања меѓу половите „главно се должи на намалување на поголемата смртност на мажите од кардиоваскуларни болести и неоплазми“. Неоплазми се тумори, а малигните тумори се канцери.

Меѓу 1996 и 2019 година јазот во животните очекувања е намален во сите седум земји вклучени во студијата. Во повеќето земји тоа се должи примарно на намалување на срцеви болести кај мажите. Во Франција намалување на случаите на канцер кај мажите значително придонесло за намалување на јазот во животниот век на половите.

Но, има и лоши вести, како на пример од Чешка, каде намалувањето на разликата се должи на помалку смртни случаи кај мажите од канцер на бели дробови, но зголемување на смртните случаи кај жените од истата причина.

Однесувањето при размножување одговорно за пократкиот живот на мажјаците цицачи
Луѓето не се единствените цицачи со разлики во животниот век според половите.

Во март 2020 година,

студија спроведена од меѓународен тим покажа дека во дивината женски цицачи живеат подолго од машките. Студијата беше објавена од страна на Националната академија на науките.

Во 101 вид кои научниците ги проучувале, просечниот животен век на женките бил просечно 18,6 проценти подолг отколку оној на мажјаците. Кај луѓето цифрата изнесува 7,8 проценти.

На примерот со овцата се гледа дека разликите во животните очекувања се појавуваат во тешки времиња. Кога условите за живот одат во прилог на животните и има доволно храна за сите, мажјаците не умираат значително порано од женките.

Но, кога нештата не се толку розови, женките подобро се справуваат со тоа, делумно и затоа што имаат повеќе енергија која може да се намени за прехрана.

Мажјаците од друга страна трошат многу енергија на сексуална конкуренција или „билдање“ мускули. Агресијата се чини дека ги намалува животните очекувања, а тоа важи за мажите од сите видови, вклучително и за луѓето.

 

DW