Ја врзале во вреќа за спиење: Вања била киднапирана со помош на член од семејството

Целта на грабнувањето, како што соопшти министерот Оливер Спасовски, била да се изнудат пари од нејзината мајка

Малолетната Вања Ѓорчевска била грабната од внатрешниот дел на зградата во која живеела, а информациите за нејзиното движење ги дал близок член на семејството.

Тоа денеска го соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој изнесе детали за исчезнувањето и убиството на 14-годишната Вања.

Целта на грабнувањето, како што соопшти Спасовски, била да се изнудат пари од нејзината мајка.

Кусо време по грабнувањето, кое било извршено благодарение на информациите на членот на семејството, Вања била убиена со пиштол.

„Убиецот ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната истрага по пријавата“, соопшти министерот Спасовски.

Вања, врзана во вреќа за спиење, била ставена во багажникот од возилото “цитроен” со кое била изнесена надвор од Скопје. Набрзо после грабнувањето, била и смртно застрелана.

Утрово во училиштето “Ј.Х. Песталоци”, каде што учела Вања е отворена Книга на жалоста. Ученици, наставници, граѓани од соседството почнаа да се потпишуваат во книгата и да оставаатцвеќиња.

Голем дел од граѓаните низ солзи го изразија жалењето и неверувањето за насилната смрт на девојчето. Повеќето од нив изразија и револт, како и барања за најстроги казни за виновниците.

 

 

VOA