Николоски. И што сега? По изјавата на Марија Габриел е јасно дека дури и да се смени Уставот, Македонија може да добие повторно бугарско вето, тоа е потврда на сето она што го зборуваме

Би почнал со нешто што мене најмногу ме загрижи од истражувањето, го читав и пред да дојдам тука, а беше искажано и пред 15-20 минути. Тоа е дека младите, онаа генерација од 18-24 години се најмногу евроскептични и да бидам ироничен ги разбирам веројатно се како генерација по паметни од нашата генерација. Јас тука гледам пријатели, луѓе кои ги познавам со кои пораснавме, ако сакате и остаревме затоа што сме веќе во средни години со оваа идеја за евроинтеграции и таму каде што бевме кога бевме млади сме и денес и да за тоа имаат одговорност сите политички елити во Македонија, но има одговорност и Европската Унија, не можеме еднострано да ги гледаме работите и веројатно младата генерација, луѓето кои сега се таму каде ние бевме пред 20-тина години многу појасно ги гледаат овие работи, истакна Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:

Уште едно прашање кое многу па и повеќе од претходното ме загрижува е прашањето што 90% сметаат дека би се иселиле и вака и така што може да ја донесе Македонија во најлоша можна ситуација а тоа е членството во Европската Унија да се гледа како иселување од државата нешто што и се случи на Хрватска во скоро време, претходно на Бугарија, Романија, Полска итн. Во таа насока мислам дека најпогрешната работа што може да ја направат одредени земји членки е да прават семинари низ државава за полесно иселување во нивните држави кои ги гледаме и се случуваат и мора да зборуваме отворено. Јас најмалце мислам дека работите треба да ги гледаме едноставно, мислам дека најмалце работите треба да ги гледаме без критика. Во таа насока прашањето кое си го поставивме сите е како е возможно и покрај политичкиот момент кој го разбираме да држава која во моментов е во војна и држава која во моментов нема дефинирано територија мислам на Украина и Молдавија со цела почит кон двете и симпатии почнаа преговори, а не само Македонија, туку и БиХ и Албанија не почнат преговори. На БиХ и се даде да дозавршат одредени работи како последица на војна во 90-тите а овие имаат војна сега па почнуваат преговори и уште повеќе сите си го поставивме прашањето зошто никој не го замоли бугарскиот премиер да ја напушти салата на 15-тина минути исто така на кафе и да Македонија почне преговори. Затоа што со овие постапки практично се покажа дека сето она што и се кажува на Македонија не важи и дека на крајот на денот прашањето е политичко. Покрај политичко јас мислам дека е многу поврзано и со принципот на владеење на правото затоа што сум убеден и ова го зборувам од 2018-та година континуирано без прекин дека основната причина зошто Македонија не почнува преговори за членство со Европската Унија е високото ниво на криминал и корупција и принципот на неказнивост.

Ќе ве потсетам сите нешто беше овде споменато дека 2018-та година имало позитивна енергија, дека пролета 2018-та година кога имаше една еуфорија дека ќе се реши спорот со Грција за името и дека мед и млеко ќе потече во државата јас бев тогаш единствен кој велеше дека дури и Македонија да го промени името нема да почне преговори во јуни 2018-та година. Да ве потсетам сите дека се брзаше да се потпише Преспанскиот договор на 17 јуни затоа што на 29-ти јуни 12 дена подоцна имаше состанок на европскиот совет на кој требаше Македонија да добие датум за преговори, тогаш Бугарија не постоеше. Македонија не доби датум за преговори на 29-ти јуни, тоа што сите го забораваат од тој 29-ти јуни е дека Македонија доби три задачи кои до денес ги нема реализирано. Првата е реформа на безбедносните структури, на хартија кажаа се случи, во пракса не се случи. Јас лично сум предмет на нелегално следење на безбедносните служби во државава конкретно на агенцијата за разузнавање во овој момент како и дел од водството на мојата политичка партија, значи реформи на безбедносните служби на хартија имаме во пракса немаме. Втората работа беше реформи на јавната администрација, „р“ нема од реформи во јавната администрација се понеефикасно станува и се погломазна и третата задача која ја доби Македонија беше борба со високиот криминал и корупција, каде сите гледаме што се случува.

Овие три задачи не се спроведуваат, но се потпишуваат договори на принцип ќе потпишеме што сакате само не не’ чепкајте овде. И тој принцип ќе потпишеме што сакате само не не’ чепкајте дома ја доведе државата во ситуација кој стигне какви сака услови да поставува од соседите, државата да не може да се бори затоа што е надвор, а во исто време да нема моќни пријатели внатре кои ќе речат, а имаат добро досие и треба да преговараат и затоа мислам дека додека не си го решиме проблемот дома, а тоа е пред се во делот со борба со организираниот криминал и корупција која што ја нема само на највисоко ниво, Македонија имаше години проблем со корупција на високо ниво, сега има корупција на најниско можно ниво, од шалтерски работник и болничар во болница до премиер на држава. Распространета е корупцијата од целиот систем и доколку со тоа не се избориме никогаш нема да почнеме преговори и обратно убеден сум дека ако дадеме резултати тука, а први резултати можат да се дадат од 6 до 9 месеци дека и Бугарија нема да се однесува вака како што се однесува затоа што никој во моментов не врши притисок врз Бугарија и беше споменато, Марија Габриел која за брзо ќе биде и премиер на Бугарија и која важи за помеките политичари таму, беше и европски комесар до скоро кажа дека тој тн. компромис кој овде пежоративно се нарекува француски предлог содржи три меѓусебно поврзани работи. Тоа е промена на Уставот, тоа е примена на Договорот за добрососедски односи и пријателство кој според мене не е ни за добрососедство ни за пријателство и третото е спроведување протоколите поврзани со историјата. Или во превод го кажа тоа што ние го зборуваме година и половина и кажа во превод дека дури и да се случат овде уставни измени ако по однос на другите две работи нема напредок ние сепак ќе имаме бугарско вето. Тоа што ние цело време го прашуваме дали ќе се случи и легитимно се поставува прашањето дали ако утре се случат уставни измени за 6 месеци ние нема да имаме пак бугарско вето затоа што нема да прифатиме дека Гоце Делчев бил бугарски учител. Тоа е следното кое ќе го побараат и кое ќе го стават на маса. И тука се поставува прашањето до кога Македонија е спремна да трпи шокови како општество, до кога ние сме спремни да кризираме како општество, дали ќе ги чекаме секои 6 месеци за некој во Бугарија да си крева рејтинг и да си го прави ќеифот политички таму.

За да не се случува таа работа ние мораме да ги измениме работите дома за да имаме посилно досие надвор кое во моментов за жал го немаме и мора да сме искрени тука и мора да се погледнеме во очи, а тоа е дека неколку големи земји членки директен да бидам не мислам тука на Германија, напротив Германија е најголем поддржувач, но неколку други големи земји членки не се убедени дека државата заслужува почеток на преговори за членство. Всушност тоа се гледа и кон односот на државата и мора овие работи да се променат доколку сакаме да одиме напред.

Дали ова звучи болно? Да. Дали е надвор од бајките кои ги слушаме со години? Да. Ама ние слушајќи бајки ги губиме годините, затоа што од Преспанскиот договор до денес, пет и пол години поминаа освен државата што промени име во делот на европски интеграции нема никаков напредок и затоа се луѓето скептични и велат дали треба да правиме следни отстапки за повторно да не се случува ништо.

извор: ВМРО ДПМНЕ