Сопругата на Навални рече дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг против Путин

Сопругата на Алексеј Навални Јулија Навалнаја денес рече дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг за „слободна Русија“ и ги повика приврзаниците да му се спротивстават на претседателот Владимир Путин со поголем бес од кога било.

Повикот на Навалнаја од странство за отпор кон Путин доаѓа на помалку од еден месец пред претседателските избори, кои речиси сигурно ќе му дадат на шефот на Кремљ уште еден шестгодишен мандат.

Во деветминутната видеопорака исполнета со бес, Навалнаја (47) го обвини Путин дека го убил нејзиниот сопруг.

„Сакам да живеам во слободна Русија, сакам да изградам слободна Русија“, рече Навалнаја во видеопораката со наслов „Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални“.

„Ве молам да го споделите бесот со мене. Бес, гнев, омраза кон оние кои се осмелија да ја убијат нашата иднина“, рече таа.

Не беше јасно од каде зборува, но не беше во Русија. Навалнаја присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија денес во Брисел, на кој се разгледуваше воведување дополнителни санкции кон Русија поради смртта на нејзиниот сопруг.

 

 

VOA