Владата на лизинг бара 45 возила од висока класа. Лимузините треба да бидат нови, дизел, од минимум 2,000 сантиметри кубни моторна зафатнина, со црна или металик боја, автоматик, со минимум 7 брзини, сензори за паркирање и 6 воздушни перничиња – наведено е во огласот кој трае до 27 март.
– Понудата нема да биде прифатена ако цената е невообичаено ниска. Сепак – ако понудувачот докаже дека користи субвенции од државата и понуди невообачаено ниска цена, понудата ќе се прифати, стои во огласот. Додека трае договорот од 3 години на користење, операторот ќе биде должен да обезбедува сервис, регистрација, зелен картон, пренос на дефектното возило.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека оперативниот лизинг на долг рок ги скратува трошоците за одржување на возилата.
-Јас од моето искуство надвор од политиката укажувам дека оперативен лизинг, или финансиски лизинг е во цел свет најупотребуваниот механизам за службените возила зашто долгорочно гледано трошоците за одржување се многу помали во тој вид. Ако отидете во која било држава на Европската унија, службените возила над 90% се преку одреден лизинг којшто го користат. Кај нас тоа се уште е страно, но мислам дека е пат на ефикасно трошење на ресурсите, вели Битиќи.
Инаку до сега Владата 4 пати изнајмува автомобили од висока класа. Ги користи 3 години, а потоа ги враќа. За таа услуга плаќа речиси иста цена колку што чини да се купи нов автомобил од истиот модел. Експертите велат – ваквиот начин на луксузирање во никој случај не е исплатлив.