Соработка на Народната банка со Банката на Италија за најдобри практики во развојот на интерни софтвери

Примената на новите технологии за унапредување на ефективноста и ефикасноста на процесите е една од заложбите на Народната банка, а воедно и усогласувањето со високите стандарди коишто во оваа сфера ги применуваат централните банки во Евросистемот. За оваа цел е започната билатералната соработка на нашата со централната банка на Италија, во рамките на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од Европската Унија. Целта е преку пренесување на искуството од страна на Банката на Италија да се зајакнат стандардите и најдобрите практики во Народната банка.

Во рамките на првата експертска мисија, претставниците од Дирекцијата за апликации и Отсекот за надзор и ИТ-безбедност од Секторот за информатичка технологија при Народната банка, заедно со експертите од централната банка на Италија, разменија сознанија во однос на процесот на развивање апликации, стандарди, најдобри практики, процедури за функционално и безбедносно тестирање и општо, за планирањето на потребните ресурси за проектите за развивање апликации. Исто така, битна тема беше процесот на планирање на проектите коишто се поврзани со развивањето софтвер, при што од страна Народната банка беа презентирани искуството и пристапот на институцијата во однос на развивањето на софтверските решенија. Во вториот дел од билатералната мерка, ќе се истражуваат отворените прашања и ќе се обезбедат подетални презентации за практиките на развивање апликации во централната банка на Италија.

 Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан е тригодишна програма којашто ја координира Бундесбанката, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). За остварувањето на оваа програма, Европската Унија (ЕУ) додели 3 милиони евра од својот инструмент за претпристапна помош (ИПА III).