Во последниве пет години, увезени се околу 177 илјади половни, наспроти 28 илјади нови

Вкупниот увоз на стари патнички автомобили е за пет и пол пати пати поголем од увозот на нови. Во последниве пет години, според Царинската управа увезени се околу 177 илјади половни, наспроти 28 илјади нови. Просечната старост на возилата на македонските патишта е 20 години, а над 170 илјади се од минатиот век.

За овие пет години од 2019 до 2023 година, најголем увоз на стари автомобили имало во 2019 година со вкупно увезени 37 илјади стари автомобили, а најмалку 2022 година со 22 илјади стари.

На крајот на минатата година беа најавени законски измени со кој Владата имаше план да ги зголеми давачките за увоз на возила, особено тоа ќе ги погодеше увозниците на стари автомобили. Ако до сега не плаќаа царина за возило кое чини до 10 илјади евра, планот беше да се воведе давачка од 1% од цената на чинење на возилото.

Исто така со измените требаше да се зголеми двојно давачката на возилата кои загадуваат повеќе. Но, по протестите на увозниците и преговори со нив оваа идеја пропадна, па сега од таму велат дека не ограничуваат увоз на стари возила со ригорозни и рестриктивни мерки, туку со законот донесен во 2020 година, акцизата се заменила со данок за моторно возило.

„Тоа е минато време на рестрикции и забрани. Со овој закон се воспостави механизам за плаќање повисоки давачки при увоз за возила со повисока емисија на СО2, што значи доколку се увезува постаро возило се наплаќаат повисоки давачки за возилата. Увозниците и граѓаните на овој начин се стимулираат наместо да увезуваат многу стари возила кои се нееколошки и имаат високи емисии на СО2 и за тоа треба да плаќаат значително повисоки давачки, да набавуваат поеколошки и понови возила кои имаат ниски емисии на СО2 и за што ќе платат значително пониски давачки“, вели Анастас Маженковски, помошник директор во Царинската управа.

Како пример од Царината наведуваа дека возило со ЕУРО 4 норма, старо над 20 години кое е релативно ефтино на странските пазари на пример Голф 4 од 2004 година, но кое е со многу поминати километри, многу амортизирано и има висока емисија на СО2, ќе плати данок во износ од околу 1.000 евра. За возило Голф 6 од 2014 година, со емисија на гасови ЕУРО 6, кое е со пониска емисија на СО2 ќе плати данок од околу 300 евра, што претставува разлика од најмалку 700 евра меѓу овие две возила.

Од царината велат дека баш поради ова граѓаните наместо да и плати на државата данок за толку старо возило ќе си ги вложат парите за да си купат поново возило со помала емисија на СО2, со помала амортизација и возило кое помалку загадува.

 

slobodnaevropa.mk