Вкупно 22 предмети за прекршување на Изборниот законик досега отворила Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а станува збор за претставки за функционери кои користеле државни ресурси во корист на нивните партии. Антикорупциската комисија работи на предметите, додека истовремено експертите укажуваат дека партиите се одамна влезени во предвремена изборна кампања, на што постојано укажува и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во своите извештаи, објави slobodnaevropa.mk.
Од ДКСК за Радио Слободна Европа велат дека меѓу претставките се постапката за набавка на хеликоптерите во Министерството за одбрана, набавка на медицински возила во Министерството од здравство, исплати на додатоци за плата во Министерството за информатичко општество и администрација и претставка против Академијата на судии и јавни обвинители поради огласи за вработувања. Исто така, предмети се отворени за злоупотреба на возила и канцелариски материјали во други институции и за предвремено рекламирање на кандидат за претседател.
„Постапуваме по пријави во однос на непочитување на забраните коишто се уредени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, односно оние во членовите 8-а и 8-б кои се однесуваат од денот на распишување на изборите“, вели за РСЕ претседателката на ДКСК Татјана Димитровска.
Сите предмети се отворени по распишувањето на двојните избори, претседателски и парламентарни, за кои првиот круг на претседателските избори е закажан за 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Дел од предметите се отворени по сопствена иницијатива на ДКСК, а дел по допрен глас од медиумите и доколку бидат утврдени прекршоци или кривични дела, Димитровска вели дека предметите ќе бидат доставени до надлежните институции како Јавното обвинителство или Финансиската полиција.
Иако актуелниот Изборен законик ги забранува овие активности, препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР се дека со измените на законот потребно е да се добие прецизен механизам кој точно ќе ги дефинира санкциите во однос на користењето на државните ресурси.
Празни ветувања за Изборниот законик
Но, партиите иако ветуваа дека пред овие избори ќе ги донесат измените на Изборниот законик во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, тоа досега не го сторија.
Наместо тоа, тие донесоа измени на Изборниот законик кои само овозможија граѓаните да можат да гласаат со неважечки лични карти, во услови кога повеќе од 100.000 граѓани со право на глас немаат важечка лична карта.
Во овие измени не беа вклучени препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а беа поднесени од координаторите на пратеничките групи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците во Собранието.
Текстот во целост на:slobodnaevropa.mk