Амбасадорите на членките на Европската Унија (ЕУ) едногласно ги усвоија дополнувањата и измените во поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори.
Овие измени се однесуваат на обврските за Србија кои произлегоа од договорите со Косово, лани во Брисел и Охрид, објави slobodnaevropa.mk.
Во договорениот текст, меѓу другото, се наведува дека умнапредувањето на преговорите на Србија за пристапување во ЕУ ќе биде водено од напредокот на Србија во подготовките за пристапување, „што ќе се мери особено во однос на континуираниот ангажман на Србија во видливо и одржливо подобрување на односите со Косово, како и другите барања содржани во точка 23 од преговарачката рамка“.
Во текстот во кој РСЕ имаше увид, се нагласува и дека Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација на патот меѓу Косово и Србија, според нејзиниот анекс за имплементација, договорен на 18 март 2023 година.
„Сите дискусии поврзани со имплементацијата на Договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ“, стои во договорениот текст на измените на поглавјето 35 во преговарачката рамка меѓу Брисел и Белград.
По одобрувањето на евроамбасадорот, Србија писмено ќе биде информирана за измените и дополнувањата на преговарачката рамка.
Со усвојувањето на овој став, обврските на Србија од Бриселскиот и Охридскиот договор стануваат составен дел од процесот на пристапување на Србија во ЕУ.
„Заедничкиот став за поглавјето 35 за Србија беше усвоен без коментар. Претседателството објави дека истиот јазик ќе се користи и во Косово“, изјави дипломатски извор за РСЕ.
Рамката за преговори на ЕУ е основниот документ на кој се одвива процесот на преговори за членство со земјата кандидат. Поглавјето 35 во преговорите за членство на Србија ги вклучува односите со Косово.
Заедно со Црна Гора, Србија се смета за лидер во процесот на пристапните преговори. Сепак, поради неподдржувањето на санкциите на ЕУ против Русија, Србија нема отворено ниту едно поглавје од 2021 година.
ЕУ секогаш најавуваше дека обврските на Србија и Косово од договорите постигнати во дијалогот ќе бидат составен дел од европскиот пат за секоја земја.
Бидејќи Косово нема кандидатски статус, обврските од дијалогот ќе бидат вклучени во специјалната група за нормализација.