Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова има двојна предност пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски на првиот круг од претседателските избори во земјата. Ова го покажуваат првичните неофицијални резултати од преброени речиси 68,99 проценти од гласовите, објави dw.com.
Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница покажуваат дека на 2.367 од вкупно 3 508 избирачки места, предност има кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 38,88 отсто од гласовите, пред Стево Пендаровски од СДСМ кој има 114.373 гласови или 19,04 проценти од гласовите.
Приврзаниците на ДУИ вечерва на плоштадот „Скендербег“ во Скопје започнаа со славење, по информациите дека нивниот кандидат за претседател Бујар Османи е на третото место пред кандидатот за здружената албанска опозиција Арбен Таравари
Османи од ДУИ со 14,76 проценти од гласовите е трет на листата, пред Арбен Таравари од коалицијата Вреди со освоени 65.503 гласа или 10,67%, Максим Димитриевски од ЗНАМ со освоени 8,35 %, Билјана Ванковска од Левица, која ја добила поддршката на 4,52 % од гласачите и Стевчо Јакимовски од ГРОМ – 0,89 проценти.
Партиски калкулации
Претходно свои податоци објави и аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, кој информираше дека од обработени 30,23 проценти од гласачките места, нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска-Давкова освоила 45 проценти од гласовите, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски 19,92 проценти, а Бујар Османи од ДУИ 11,71 проценти.
Кандидатката за претседател предложена од Левица, Билјана Ванковска оцени дека двојно зголемена излезноста во споредба со претседателските избори од 2019 година, зборува за поголемата понуда што ја имаа граѓаните, но и потребата на гласачите да го искажат својот глас.Таа оцени дека тоа што некои медиуми веќе ги соопштиле победниците не е демократски однос.
Северна Македонија денеска гласаше на седмите по ред претседателски избори. Гласачките места беа отворени од 7 до 19 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани запишани во Избирачки список. Се гласаше на 3.480 избирачки места. До 18.30 часот, половина час пред затворање на избирачките места, одѕивот на гласачите на првиот круг од претседателските избори беше 48,46 отсто.
За функцијата претседател на Република Северна Македонија се натпреваруваат актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Арбен Таравари поддржан од Коалицијата „Вреди“ и Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне неопходното мнозинство, по 14 дена (8 мај) се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг.