Продолжува седницата за избор на новата влада, треба да се изгласа до полноќ

0
29

Во Собранието на Северна Македонија денеска (23 јуни) во 11 часот е закажано продолжението на седницата за избор на новата влада што ја предложи мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Седницата треба да заврши најдоцна до полноќ што значи дека од утре (24 јуни) новиот премиер и министрите треба да започнат со работа.

Дебата во парламентот за изборот на новата влада започна вчера. За таа да биде избрана потребни се 61 глас „за“. Новото парламентарно мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ, пак, 78 пратеници.

Во своето експозе за предлог-составот на владата и програмата за работа, Мицкоски вчера најави „фуриозен почеток на проекти“.

Економски раст, намалување на инфлацијата и на невработеноста, поголеми плати, беа дел од ветувањата што тој ги упати од собраниската говорница. Сè уште неседнат во премиерската фотелја, мандатарот Мицкоски најави за вторник на 25 јуни промоција на инвестиција од 400 милиони евра.

„Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра“, рече Мицкоски.

Тој најави партнерски однос со ЕУ, усогласување на надворешната политика со Унијата, поддршка за Украина, одржување добри односи со соседите.

Опозицијата, пак, критикуваше дека програмата е манипулативна. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, забележа дека за проектите што ги ветува Мицкоски нема конкретни рокови и начини на кои ќе се реализираат.

За евроинтеграциите, пак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ манипулирала со граѓаните.

„Факт е дека многу од ветувањата кои беа дадени пред граѓаните, прашањата кои беа отворени и на манипулативен начин успеавте да ја добиете поддршката од граѓаните ги нема во програмата за работа на владата. Првиот основен приоритет – процесот за членство во ЕУ е сосема различен концепт од времето кое го застапувавте како опозиција и во предизборието, а тоа се однесува на почитувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка. Очекував дека ќе имаме поконкретни чекори за овие прашања. Од програмата на владата можам да видам дека нема конкретни чекори, освен декларации“, рече Спасовски.

Пратениците ќе ја продолжат дебата и денеска. Таа се води како „единствен претрес“ и за владата се гласа во целина што значи дека нема гласање за секој министер поединечно.

Идната влада, вклучувајќи го и Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови. Тој ќе има пет заменици односно вицепремиери. Во министерските фотелји ќе седнат само три жени.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Во владиниот кабинет, 15 членови ќе бидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

извор: slobodnaevropa.mk