Додека останатите деца уживаат во летните одмори, група од 12 најталентирани ученици од Македонија постигнуваат историски успеси. Минатата година, овие ученици освоија повеќе медали, меѓу кои и златен медал на Европската Јуниорска Олимпијада по информатика, донесувајќи гордост на нашата Држава. Но, успехот не доаѓа лесно.
Камп за програмирање или плажа? Нашите најдобри ученици знаат што е приоритет!
Учениците кои ги претставуваат нашите бои на овие натпревари се подготвуваат со посебна посветеност и напор. Во месеците кога другите уживаат во сончевите плажи, тие учат, програмираат и решаваат комплексни задачи. И сето тоа за да ја претставуваат Македонија на највисоко ниво.
Еден од клучните фактори за нивниот успех е учеството на летните кампови за програмирање, каде што талентираните млади информатичари ги надградуваат своите вештини и се подготвуваат за натпреварите. Овие кампови не само што ги подобруваат нивните технички способности, туку и ги мотивираат да се стремат кон уште поголеми успеси.
Оваа година летниот еднонеделен подготвителен камп ќе започне на 1 јули во Хотел Магнолија на Пониква, Кочани, каде што ќе присуствуваат 12-те најдобри ученици, кои ќе нѐ претставуваат на претстојните Интернационални олимпијади по Информатика, како и нивните ментори и професори од Факултет за Информатички науки и Инжињерство – ФИНКИ, на чело со претседателот на Здружение на Информатичари на Македонија, Проф. Д-р Миле Јованов.
БИСТРИ УМОВИ: Поддршка за младите таленти
Една од организациите која има огромен придонес за развојот и успехот на овие ученици е БИСТРИ УМОВИ. Минатата година, потикнати од искуството со својот син, кој веќе три години е дел од тимот што ја претставува Македонија на Меѓународните Олимпијади по информатика, основачите на БИСТРИ УМОВИ одлучија да создадат платформа која ќе им помага на талентираните ученици и млади од целата земја.
Во текот на првата година од своето постоење, БИСТРИ УМОВИ успеа да организира бесплатен летен камп во Кочани во соработка со Здружението на Информатичари на Македонија (ЗИМ). Кампот ги собра најдобрите ученици и ментори од Факултетот за Информатички науки и инженерство (ФИНКИ), кои заедно со Претседателот на ЗИМ, проф. д-р Миле Јованов, ги подготвуваа младите таленти за претстојните меѓународни натпревари.
Претседателката на БИСТРИ УМОВИ, Анита Атанасова-Грчев, споделува дека минатата година е организиран камп кој доби огромна поддршка од општината и од многу јавни личности. Таа истакнува дека за оваа година, на свеченото отворање, покана е испратена и до новата Претседателка на Р. М. Гордана Силјановска Давкова, новиот Премиер Христијан Мицковски и новата Министерка за образование и наука Весна Јаневска.
„За една година од нашето постоење, БИСТРИ УМОВИ успеа да реализира бројни активности и проекти, меѓу кои се летниот подготвителен камп, финансиска помош за патни трошоци за меѓународните натпревари, бесплатни 6 месечни курсеви по математика и информатика за ученици од цела Македонија на кои присуствуваа над 400 ученици, помош при организирање на Јуниорската Балканска Олимпијада по информатика во Струмица и многу други активности“ – истакнува Атанасова-Грчев.
За во иднина, БИСТРИ УМОВИ планира да продолжи со своите бесплатни курсеви, да ја продолжи соработката со ЗИМ и да оствари соработка со други здруженија од земјата и странство, секогаш во интерес за потребите на учениците.
Менторството на проф. д-р Миле Јованов
Еден од најзначајните фактори за успехот на младите информатичари е менторството од искусни и посветени професори. Проф. д-р Миле Јованов, претседателот на Здружението на Информатичари на Македонија, игра клучна улога во подготовката на учениците. Неговото долгогодишно искуство и длабоко знаење во полето на информатиката им овозможуваат на учениците да го достигнат својот максимум и да се подготват за највисоките меѓународни натпревари.
Менторството не се состои само од предавања и тренинзи, туку и од мотивација, поддршка и совети кои им помагаат на учениците да се справат со предизвиците и да го реализираат својот потенцијал. Проф. Јованов е пример за тоа како посветеноста и стручноста на еден ментор може да направи разлика во животите на младите таленти и да им помогне да постигнат извонредни успеси.
Со вакви иницијативи, Македонија продолжува да ја гради својата иднина со интелигентни и мотивирани млади луѓе, кои се посветени на успех и развој. Додека другите деца се на летен одмор, овие најпаметни ученици го покажуваат својот талент и ни даваат надеж за подобра иднина.