Среде туристичка сезона, а на задоволство на туристите со скромен буџет грчките власти се справуваат со бизнисите кои ги узурпираат плажите со чадори и лежалки чие изнајмување „солено“ го наплатуваат. Но, на мета се и туристите кои на плажите оставаат врзани лежалки, столици и чадори за сонце, и со тоа си „резервираат“ место за себе, не оставајќи простор за другите.
Министерството за национална економија и финансии вчера соопшти дека примило 500 пријави од граѓани за неправилности, па во последните три недели направиле над 4.500 контроли на 150 плажи во цела Грција и изрекле казни од над 800.000 евра. Министерството соопштии дека пријавите биле и телефонски и преку специјалната апликација „MyCoast“, а контролите опфатиле над 750 бизниси на плажи во земјата, од кои најголемиот број на Халкидики, Крф, Атина, Превеза, како и островите во Егејското море. Најмногу пријави имало за регионот на Халкидики, вкупно 1. 396, каде биле извршени контроли на осум плажи и 38 бизниси и биле констатирани осум прекршоци.
-Општата слика од масовните контроли во последните седмици е јасно подобрена во споредба со претходните години, бидејќи поголемиот дел од бизнисите кои работат на плажите ги почитуваат новите правила и новата законска рамка. Сепак, од проверката на пријавите произлегоа и доста прекршувања, како што се недостиг на ознаки и пречекорување на зафатениот простор со дополнителни чадори и други градби, како и случаи каде доплнителниот зафатен простор бил произволен без договор за концесија, соопштија од министерството.
На официјалната фејсбук страница на општината Полигирос, пак објавени се фотографии и има има опис на тоа како се одвивала акцијата на плажата Каливи, каде се отстранувани реквизити за плажа поставени од граѓани. Акцијата почнала рано изутрината, во 6.30 часот, со камиони и багер.
-Дел од летувалците кои сфатија што се случува притрчаа на самото место за да си ги соберат работите, а оние кои немаа време имаат можност да ги подигнат од службата за чистење на општината во Полигирос каде што се задржани. Веќе еден месец како сме информирале дека ќе почнеме чистење на плажите од чадори и лежалки, бидејќи посочивме дека се поставени нелегално. Не е можно некои туристи да си ги приватизираат плажите. Можеби во сите изминати години имаше толеранција за оваа незаконитост, но ова треба да заврши. Се работи за почит кон сите, изјави заменик-градоначалникот за секојдневен живот, Василис Фардоџанис, посочувајќи дека оваа операција ќе се повторува се додека не се сфати дека плажите треба да бидат достапни за сите граѓани.
Такви акции деновиве имаше и на плажите во Касандра, каде претходно беше соопштено дека оставените реквизити треба да се отстранат најдоцна до четвртокот вечерта, за да не бидат одземени.
-Општината ќе започне со отстранување чадори, лежалки и каков било вид на прицврстени конструкции, кои се поставени од страна на туристите на плажите, а се со траен карактер. Нивното поставување и трајниот престој е нелегален. Сите оставени реквизити ќе бидат отстранети како загадувачи, се вели во соопштението.
Што се однесува до хотелите, бич баровите и рестораните, според грчките закони, тие можат да постават чадори и лежалки на 50 проценти од плажата, а остатокот треба да е слободен за таканаречените пешкир туристи. Ако се работи за заштитено продрачје, комерцијално може да се користат само 30 проценти од него. Но, бизнисите претераа, па оставија премалку место за луѓето кои не можат или не сакаат да платат за лежалки. Движењето против оваа незаконитост се јави лани, на островот Парос на Кикладите, познат како Санторини за сиромашни, но и по тоа што Грците љубоморно го чуваат за себе, противејќи се на масовниот туризам. Револтирани од тоа што плажите се окупирани од изнајмувачи на реквизити, тие се побунија против „чадори за сонце мафијата“ со акција позната како „двожење на пешкирите“.
На плажите на Парос, но речиси и на сите други го Грција тешко се наоѓа место за да се стави пешкир, зашто секаде има лежалки поставени од фирми, хотелиери, сопственици на бич барови или кафулиња. На пример, луксузните лежалки на Парос чинат и до 120 евра.
поврзани вести