Поевтинуваат катастарските услуги за шестпати. До милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот. Забележавте дека илјадници предмети биле нерешени, директорот е скромен и не сака да каже можеби детали што допрва органите на редот и истражните ќе треба да се занимаваат, но верувајте дека ќе има многу за истрага. Ценам дека сето она што во минатото било предмет на поинаков однос со граѓаните и поради тоа се создавал овој метеж, односно не биле решавани предметите, многу бргу ќе излезе на виделина и ќе бидат решени иако сега илјадници предмети во овие помалку од два месеца веќе добиваат разрешница, нормално во согласност со важечките прописи, законите и Уставот“, посочи Мицкоски и додаде:
„Сè додека имаме високо ниво или перцепција за криминал и корупција, ние не можеме да се развиваме како држава. Така што уште еднаш да ги охрабрам директорот, раководството, сите овде што се дел од новиот раководен тим на Катастарот, да продолжат со ваков тип на реформи и да работат во интерес на граѓаните бидејќи граѓаните се тие што се најважни, сè друго е од споредна природа“.
skopjeinfo.mk