Полицискиот инспектор што шверцувал монети во Косово бил незаконски вработен во МВР

0
59

Македонскиот полицаец фатен во Косово за шверц на лажни евро монети, не само што го „украл “ занаетот за фалсификување на пари од тие што требало да ги гони, туку и станал инспектор во МВР без безбедносен сертификат, дознава РСЕ. Од МВР велат дека Внатрешна контрола отворила предмет за неговото вработување.

Полицискиот инспектор кој беше фатен како шверцувал лажни монети во Косово незаконски бил вработен во македонската полиција, дознава Радио Слободна Европа од два независни извори. Тој не ги поминал основните безбедносни проверки на Агенцијата за национална безбедност.

34 годишниот ресенчанец е во притвор во Косово поради сомневање дека изработил околу 2 милиони лажни монети од по 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек во косовската економија. Македонскиот полицаец работел како инспектор без при тоа да поседува безбедносен сертификат.

Од македонското Министерство за внатрешни работи велат дека Одделот за внатрешна контрола отворила предмет за неговото вработување.

„Во тек се проверки по наводи во поднесеното барање и други наводи од надлежност на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, се вели во кусиот одговор од МВР за Радио Слободна Европа.

Оттаму останаа неодговорени прашањата како и кога бил вработен без сертификат и кој го одобрил неговото вработување и унапредување во инспектор без да ги помине безбедносните проверки на Агенцијата за национална безбедност.

Според законот за полиција, полициски службеник може да биде само оној за кој со безбедносна проверка е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на лицето.

„Тоа значи дека тој што го поставил и го примил направил кривично дело, злоупотреба на службената положба од аспект на тоа што имал овластување да му даде унапредување и да го прими на работа“, вели професорот професорот од областа на безбедносни науки, Стефан Буџаковски за Радио Слободна Европа.

 

slobodnaevropa.mk