Во пресрет на Меѓународниот ден на чистиот воздух, УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија објави нов документ за политики во кој истакнува дека во 2021 година над 5480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето. Во Северна Македонија, смртните случаи на новороденчиња поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година, информираа од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
„Во Северна Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови“, се наведува во соопштението.
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ додава дека овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загадениот воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот.
slobodnaevropa.mk