Премиерот Мицкоски на 19 септември во Брисел ќе го презентира владинот предлог за откочување на процесот на евроинтеграција на Македонија. Мицкоски повика на прекин на билатерализацијата на евроинтегративниот процес, истакнувајќи дека Брисел треба да покаже политичка волја за решавање на предизвиците што ја засегаат Македонија.
Тој изјави дека проблемот не е во волјата на македонските граѓани или политичари за уставни измени, туку во подготвеноста на Европската унија да ги реши овие прашања.
Владиниот предлот веќе не е тајна и тоа ќе биде уставни измени со одложено дејство.
Што е одложено дејство
Со сегашната преговарачка рамка за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ е потребно да ги внесе Бугарите во уставот. Власта тоа не сака да го направи без јасен план и гаранции, истакнувајќи ја потребата за решавање на прашањата со македонскиот идентитет и пресудите од Стразбур.
„Имаме предлог за одложена примена на уставните амандмани, каде што ќе ги завршиме преговорите, а потоа ќе видиме што ќе правиме. Пресудите од Стразбур за македонската заедница во Бугарија мора да бидат дел од оваа дискусија. Ние сакаме јасни гаранции и решенија,“ нагласи Мицкоски.
Тој објасни дека предлогот за одложена примена е логичен, бидејќи прво треба да се завршат преговорите, а потоа да се решат прашањата како македонскиот идентитет и јазик, пресудите од Стразбур за македонската заедница во Бугарија, и други важни прашања.
„Нема да влеземе наивно во какви било процеси без јасен план и гаранција. Овие гаранции мора да бидат потврдени со конкретни постигнувања и јасна порака,“ додаде Мицкоски.