Следува краткотрајно стабилизирање на времето, од петок нови врнежи, а од викендот дополнително заладување и првиот снег за оваа сезона

Почитувани, по обилните врнежи кои ја зафатија нашата држава, од следните часови, како и утре (четврток) ќе имаме краткотрајно стабилизирање на времето. Од петок, па во деновите потоа под влијание на нов влажен бран од запад ќе имаме нови повремени врнежи од дожд, локално поројни и проследени со грмежи како и со засилен ветер.

Нестабилното време и со почести врнежи ќе го имаме  и во текот на следната седмица.

Поради продор на многу поладен воздух од север, од викендот, па во текот на следната седмица температурите ќе бидат невообичаено ниски за овој период од годината, па така наутро не се исклучува можноста за појава  и на првиот мраз за оваа сезона, особено на повисоките  и на планинските места во Македонија.

Поради падот на температурите на воздухот, на високите планини  (над 2000 м.н.в) го очекуваме  и првиот снег за оваа сезона, што значи дека ја очекуваме  и првата мала снежна покривка на високите планини, особено во западната половина од државава.

Што се однесува до температурите, тие од викендот ќе бидат многу пониски од сегашните  и преку ден ќе се искачуваат во интервалот само од 14 до 22 степени.

Првиот снег со овој ладен продор од север го очекуваме  и на многу планински места ширум Балканскиот Полуостров, што значи дека грејната сезона оваа година ќе ни започне многу порано, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

 

 

meteoalarm.mk