Љутков: Македонското културно наследство е скапоцен дел од европското богатство

На денешната конференција на Европските денови на културното наследство, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ги поздрави учесниците истакнувајќи го значењето на конференцијата, која е еден од најшироко прифатните културни настани кој ги обединува луѓето од целиот европски континент.

Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција, која го збогатува заедничкиот европски идентитет со својата автентичност, прикажувајќи го нашиот народ како чувар на своите традиции, но и како учесник во создавањето една нова, модерна и креативна Европа“, рече министерот Љутков, говорејќи на темата на конференцијата, „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“.

Министерот Љутков порача дека со зачувувањето на европското културно наследство, ние го чуваме и нашиот идентитет, учиме од минатото и ја цениме различноста што нè обединува. Во тој контекст, министерот додаде: „Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција која ги отсликува нашата историја, уметност и духовност. Нашите археолошки наоѓалишта, црковни споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за длабоките културни врски со вековите и го претставуваат нашиот уникатен придонес во европската културна ризница“.

По усвојувањето на Европската културна конвенција на 19 декември 1954 година од страна на Советот на Европа, како документ кој има цел да ја промовира културната соработка меѓу европските земји и да го зачува и да го заштити заедничкото културно наследство на европските народи, Деновите на европското наследство се широко прифатен настан кој се одбележува со илјадници активности низ цела Европа.

На темата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“, во нашата земја оваа година ќе бидат организирани настани во 14 градови и села, со учество на 20 музеи, невладини организации и други институции кои се ангажирани на полето на културното наследство.

Министерот Љутков ја изрази посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за унапредување на состојбите во заштитата на културното наследство како врвен приоритет кој овозможува афирмација и промоција на нашата држава во Европа.

На отворањето на конференцијата, учесниците и присутните гости во Порта „Македонија“ ги поздравија и Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања; Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија; Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.

На конференцијата, на повеќе панел-дискусии свои излагања ќе имаат дваесетина експерти од земјава и од странство.