На денешен ден во 1908 година во Солун, во кафеаната „Бошњак-ан“, платени терористи-врховисти извршија неуспешен атентат врз големиот македонски револуционер Јане Сандански кој беше повреден.
При атентатот две лица од придружбата на Сандански беа смртно погодени.
Во продолжение текст објавен на ФБ страницата „Јане Сандански“, која објавува текстови од историјата на Македонија, во која подетално се разработува овој настан од македонската историја.
КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ КОИ ДОВЕЛЕ ДО РАСКОЛОТ ВО МРО (подоцна ВМРО) и ДО АТЕНТАТОТ ВРЗ САНДАНСКИ?
Во периодот по аферата Мис Стон (1901 год.) почнуваат и обидите на Бугарија да ја стави под своја контрола Македонската Револуционерна Организација (МРО подоцна позната како ВМРО).
За жал, на страната на Бугарите подоцна застанува и еден Македонец – Борис Сарафов (роден во с. Либјахово, Пиринска Македонија), човек кој секогаш се декларирал како Македонец, но неговиот превртлив карактер и желбата да дојде на чело на ВМРО направиле подоцна да стане десна рака на Бугаринот Иван Гарванов и слепо орудие во рацете на Бугарија.
Сарафов од 1899 до 1901 год. бил на чело на ВМК (Врховниот македонски комитет) во Софија, кој бил формиран од Македонци кои биле офицери во бугарската армија, и кој имал за задача да му помага на Централниот комитет на ВМРО во Македонија снабдувајќи го со оружје, муниција и инструктори за обука на комитските чети.
На почетокот Врховниот комитет бил на македонски позиции и со промакедонски ставови. Сарафов во тој период многу добро соработувал со Гоце Делчев и Ѓорче Петров.
Откако бугарската власт ќе го уапси Сарафов во 1901 год. (затоа што нарачал убиство на еден романски новинар кој пишувал против ВМРО), бугарскиот двор го искористува тој момент, и на чело на Врховниот комитет во Софија доаѓа бугарскиот генерал Иван Цончев.
Цончев набргу влегува во конфликт со Гоце Делчев и Ѓорче Петров затоа што сакал да ја стави ВМРО под бугарска контрола.
По излегувањето од затвор, Сарафов се договара со Делчев и Петров да замине во Европа и од таму да обезбедува и да праќа пари за Организацијата.
Сарафов бил харизматичен и привлечен човек и тоа го користел да запознае богати жени на своите патувања низ Европа. Покрај тоа стапувал во контакт и со луѓе кои се финансиски моќни и запознавајќи ги со македонското револуционерно дело, праќал пари за Организацијата.
Проблемите настануваат по враќањето на Сарафов во 1903 година.
Бугарите Цончев и Гарванов веќе на големо почнале да ја спроведуваат агендата на бугарскиот двор, и почнале да заговараат востание во Македонија, и агитирале дека штом Македонците ќе се дигнат, на помош ќе дојде Бугарија.
Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Владислав Ковачев и другите Македонци биле категорично против мешањето на Бугарија и против востание, затоа што сметале дека организацијата нема доволно оружје и народот не е подготвен за востание.
Сарафов наместо да ги поддржи Делчев, Петров и Сандански, застанува на страната на Гарванов и Цончев.
Врховистите започнуваат да уфрлаат чети од Бугарија во Македонија, при што доаѓаат во судир со четите на војводите од Серскиот округ – Јане Сандански и Сава Михајлов – Савата.
Серскиот револуционерен округ под раководство на Сандански ги опфаќал цела Пиринска Македонија, заедно со западниот дел од Егејска Македонија (Драмскиот и Серскиот регион).
Сарафов се свртува против својот народ – Македонците.
denesen.mk