Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија. Според податоците на Државниот завод за статистика, над 120.000 деца во земјата, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија. На Меѓународниот ден посветен на искоренување на сиромаштијата, УНИЦЕФ повикува да се зголеми опфатот со парична помош за деца и преку повеќесекторски одговор до 2030 година да се намали за половина детската сиромаштија.
Загриженост за ранливоста на децата
Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто) и се зголеми од 28 отсто во 2015 година на 32,8 отсто во 2021 година, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата.
„Состојбата предизвикува голема загриженост имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот. Земајќи го ова предвид, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015, земјата цврсто се заложи до 2030 година да го намали за најмалку половина процентот на деца што живеат под прагот на сиромаштија“, наведуваат од УНИЦЕФ.
Недоволното инвестирање во социјалната заштита придонесува да има недоволна опфатеност на децата во земјата, а јавните расходи за социјална заштита заостануваат зад другите сектори и се далеку под просекот на Европската Унија.
Парична помош под европскиот просек
Помалку од 23 отсто од домаќинствата со деца во Северна Македонија добиваат парична помош наменета за деца или домаќинства со деца, додека просекот во ЕУ изнесува 88,4 отсто. „Една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија“, посочуваат од УНИЦЕФ.
Ова може да вклучи проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот, подобро информирање и поддршка за да им се овозможи на семејствата пристап до паричната помош која им следува и усогласување на паричната помош насочена кон децата со реалните трошоци на живот.
Според Организацијата на ОН за заштита на правата на децата „земјата би можела да размисли и за воведување универзална парична помош за деца, која на глобално ниво покажа дека државите може да си ја дозволат дури и во време на кризи, и е ефикасна политика за намалување како на вкупната сиромаштија, така и на детската сиромаштија“.
DW