Премиерот Христијан Мицкоски има најголема поддршка кај граѓаните од 27,8 отсто, покажала најновата анкета на ИПСОС изработена за потребите на ВМРО-ДПМНЕ. Истражувањето е работено во октовмри теренски на 1005 испитаници.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од тројна поддршка пред Али Ахмети од ДУИ со 8,6%, додека лидерот на СДСМ Венко Филипче ужива во 5,5 отсто доверба. Неговиот претходник, поранешниот премиер Димитар Ковачевски доби 0% доверба, поточно никој од испитаниците не кажал дека има доверба во него.
Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 4,3 отсто доверба од граѓаните е пред лидерот на Левица, Димитар Апасиев во кој доверба изразиле 4 отсто од испитаниците.
Следи министерот за здравство Арбен Таравари со 2,7%, кој после Ахмети води меѓу албанските политичари. Африм Гаши има 2.1%, Изет Меџити 1.9%, а Билал Касами 1.4 отсто.
Граѓаните доверба изразиле и за поранешните политичари. Па, за Бранко Црвенковски гласале 1.5 отсто од испитаниците, а по 1.1% добија Никола Груевски и Стево Пендаровски.
Висок е процентот и за оние кои рекле дека немаат доверба во ниеден политичар – 26,5 отсто. Одговориле со „не знам“ или немале одговор 7.8 отсто, а друг политичар навеле 2.6. отсто од испитаниците.
Анкетата на ВМРО-ДПМНЕ го проверувала мислењето кај граѓаните и за други важни прашања:
Па така, за предлогот на премиерот Мицкоски за уставни измени со одложено дејство 52 отсто од граѓаните велат ДА а 39 имаат негативен став. По етнички состав, 49 посто од Македонците се против а 42 го поддржуваат. Кај Албанците 19 се против, а 75 се За.
На прашањето дали треба да се направат уставните измени и да се почнат преговорите доколку Европскиот парламент даде гаранции за македонскиот јазик и идентитет и Бугарија испорача неколку пресуди од Судот во Стразбур, 57 проценти од граѓаните викаат Да а 37 посто Не.
На прашањето дали граѓаните го поддржуваат францускиот предлог, поддршка даваат 28 проценти а не го поддржуваат 53 посто.
66 проценти од Македонците не го поддржуваат, а 18 го поддржуваат, а кај Албанците 29 посто не го поддржуваат, а 49 посто даваат поддршка.
Во однос на партиите ВМРО-ДПМЕ има поддршка кај 26 посто од граѓаните, ДУИ, СДСМ и Вреди 7, Левица 5 и ЗНАМ 4.
Доколку се одржат парламентарни избори за која партија би гласале?
ВМРО-ДПМНЕ 26
ДУИ 7
СДСМ 7
Левица 5
Вреди 7
ЗНАМ 2
Алијанса на Села 1
Друго 1
Неодлучни 7
Одбива да одговори 14
Не гласа 23
На телефонската анкета спроведена од 9 до 13 октомври, пак, врз 1200 испитаници, на прашањето „Во каква насока се движи државата?“, половина од одговорите биле дека се движи во позитивна или во донекаде позитивна насока (Позитивна 25 отсто, односно Донекаде позитивна 24.9 отсто). Донекаде негативна одговориле 12.5 отсто од испитаниците, негативна 24.3%, а „не знам“ одговориле 13.2%.
28.4 од испитаниците имаат позитивно, а 27.1 донекаде позитивно мислење за работата на владата во првите 100 дена. Донекаде негативно мислење имаат 9.3 отсто, негативно 21.6 отсто, додека 13.6 немаа одговор на прашањето.
Повеќе од половина од испитаниците, поточно 51.1 отсто сметаат дека доколку се земе предвид работата на Владата во првите 100 дена, таа ќе биде подобра од претходната власт на СДСМ и ДУИ. Полоша сметаат дека ќе биде 12.7 отсто од испитаниците, иста 28.6 отсто, а „не знам“ одговориле 7.6 отсто.
Најголемиот проблем со кој се соочува Македонија и владата мора под итно да го решава за 37.5 отсто се криминалот и корупцијата, а за 19.7 отсто се економијата и животниот стандард. Следуваат останатите проблеми – невработеноста, високите цени, квалитетот во образованието, здравството…