Во меѓувреме победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и официјално е потврдена. Тој, меѓутоа, почна да добива честитки од светските лидери уште од раните утрински часови, кога стана јасно дека неговата предност пред кандидатката на Демократската партија, Камала Харис е недостижна.
Германскиот канцелар Олаф Шолц му честиташе на Доналд Трамп. „Честитки до Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД. Германија и САД веќе долго заедно успешно работaт на промовирање на просперитет и слобода на двете страни на Атлантикот. Ќе продолжиме да го правиме тоа за доброто на нашите граѓани“, напиша Шолц на мрежата Х.
На републиканецот му честиташе и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. „Трансатлантското пријателство“ меѓу Сојузна Република Германија и САД „никогаш не било резервирано за една партија“. Германија ќе биде „близок, сигурен сојузник за идната американска влада, тоа е нашата понуда“.
На новоизбраниот претседател на САД му честиташе и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Моите најсрдечни честитки до Доналд Џеј Трамп. ЕУ и САД се повеќе од сојузници. Нѐ врзува вистинското партнерство на нашите луѓе, кое обединува 800 милиони граѓани. Затоа, ајде да работиме заедно на силна трансатлантска агенда која продолжува да работи во нивна корист“, наведе Фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.
Францускиот претседател Емануел Макрон му честиташе на Трамп за победата на претседателските избори во САД.
„Честитки до претседателот Доналд Трамп. Подготвен сум да соработуваме како што и правевме четири години. Со вашите и моите верувања. Со почит и амбиција. За мир и просперитет“, напиша Макрон на социјалната мрежа Х.
Честитки за „најголемиот камбек“ во историјата
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му честиташе на Трамп за, како што вели, „фантастичната победа“ на претседателските избори во САД.
„Најголемото враќање во политичката историја на САД! Честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата фантастична победа. Ова е многу потребна победа за светот“, напиша Орбан на мрежата X.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го изрази своето задоволство поради успехот на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и му честиташе на републиканскиот кандидат за „најголемиот камбек во историјата“.
„Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка и моќна посветеност на големиот сојуз на Израел и на Америка. Ова е огромна победа!“, се вели во пораката која израелскиот премиер му ја упати на Трамп.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони му честиташе на Трамп, во нејзино име и во име на италијанската влада.
„Италија и САД се „сестрински“ нации, поврзани со непоколеблив сојуз, заеднички вредности и историско пријателство. Тоа е стратешки однос, кој сигурна сум дека сега уште повеќе ќе го зајакнеме. Браво Претседателе“, напиша Мелони на социјалната мрежа Х.
На Трамп му честиташе и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. „Само што му честитав на Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД. Неговото лидерство уште еднаш ќе биде критично за одржување на нашата алијанса силна. Се радувам дека повторно ќе работам со него за промовирање на мирот преку НАТО“, порача Руте на социјалната мрежа Х.
Честитки доаѓаат и од претседателот на Советот наЕУ, Шарл Мишел. „Му честитам на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД имаат траен сојуз и историска врска. Како сојузник и пријател, ЕУ се радува на продолжување на нашата конструктивна соработка“, напиша Мишел на социјалната мрежа Х.
Честитка упати и австрискиот канцелар Карл Нехамер. „САД се важен стратешки партнер на Австрија. Се радуваме на натамошното проширување и зајакнување на нашите трансатлантски односи со цел успешно да одговориме на глобалните предизвици“, напиша Нехамер на социјалната мрежа X.
DW