На денешен ден пред 31 година, откако повеќепати беше погоден со проектили на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Стариот мост во Мостар, симболот на градот на Неретва и највредното културно-историско наследство во Босна и Херцеговина, е урнат, јавува Анадолу.
Уривањето на Стариот мост во Мостар на 9 ноември 1993 година беше вест што ја шокираше светската јавност, а и по 31 година во градот на Неретва, тоа е тема што отвора стари рани и буди болни спомени.
Стариот мост во Мостар е уништен со гранатирање на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО). Со него е уништено и целото старо јадро на Стариот град, меѓу кои се неколку монументални џамии, медреси и единствениот амам во Херцеговина.
Уривањето на Стариот мост започна дваесет дена порано, а интензивно на 8 ноември 1993 година. Беше пукано од блиските планински височини Планиница и Стотина со гранати со голема разорна моќ. Гранати паднаa и врз кулите Тара и Халебинка, кои се своевидна статичка тежина за мостот.
Целата улица со продавници наречена Кујунџилук целосно исчезна. Гранатите два дена по ред, дел по дел интензивно го уриваа мостот. И конечно, во 10 часот и 16 минути на 9 ноември, ремек-делото на Мимар Хајрудин потклекна. Падна во студената Неретва.
Реставрацијата на Стариот мост, финансирана од Туркије, Хрватска, Италија, Холандија, Светската банка, Европската банка за обнова и градот Мостар, започна во 2003 година.
Првиот камен во новиот лак на Стариот мост го постави тогашниот вицепремиер на Република Туркије, Булент Аринч. Реновирањето беше завршено во јули 2004 година, а свеченото отворање беше одржано на 23 јули 2004 година. Работата на реставрација на мостот успешно ја изврши турската компанија ЕР-БУ.
Во јули 2005 година, на состанок во Јужноафриканската Република, Стариот мост на Неретва беше вклучен во листата на заштитени споменици на УНЕСКО, како споменик на културата и помирувањето.
Стариот мост е изграден според проектите на турскиот архитект Мимар Хајрудин во период меѓу 1557 и 1566 година. Според легендата, тој пред да го тргне скелето, во страв од тогашните власти, побегнал во Бијело Поље, северно од Мостар, каде што чекајќи ја веста, издлабил една од карпите, која денес е една од туристичките атракции во овој дел на Мостар.