Руската влада денеска утврди список со непријателски држави, меѓу кои се сите земји од ЕУ, САД, Црна Гора и Македонија.
Документот содржи список на „странски држави и територии кои направиле непријателски активности во однос на Руската Федерација, руски компании и граѓани“.
Со тоа им се дозволува на руските државјани и организации, кои имаат девизни обврски кон странските кредитори од тој список, да ги подмират во руски рубљи по курсот на руската Централна банка.
Исто така, сите руски компании може да склучуваат договори со компании и државјани од овие земји само со специјално одобрение од руската владина комисија.
На списокот се Австралија, Андора, Велика Британија, сите членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Македонија, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија.
Најголем дел од тие земји воведоа санкции против Русија поради почетокот на инвазијата врз Украина и во ОН ги осудија нејзините дејства.
извор/фото: Радио Слободна Европа