Северна Македонија и Бугарија потпишаа Програма за соработка во областа на образованието и науката

„Задоволство ми е што со денешното потпишување на програмата помеѓу Северна Македонија и Бугарија, двете земји и формално ја продолжуваат соработката во областа на образованието и науката и со тоа го обезбедуваат континуитетот на заложбите за унапредување на овие две општествени сфери, од кои, верувам сите сме согласни дека во многу голема мера зависи севкупниот општествено економски напредок и кај едните и кај другите”, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири во Софија, по денешното потпишување на програмата за билатерална соработка во областа на образованието и науката со неговиот колега од Бугарија, Николај Денков.

„Верувам дека овој документ ќе ги зајакне пријателските односи и довербата помеѓу двете соседни земји и дека целосно ќе го ефектуираме во периодот за кој ќе се однесува, а тоа е до крајот на 2025 година“, рече Шаќири, образложувајќи дека програмата предвидува вмрежување на образовни и научни установи и мобилност и стипендирање на престои на научници и истражувачи кои преку размена на искуства и нивна примена во двете земји, ќе унапредат важни аспекти и на образованието и на науката. Се очекува и воспоставување на соработка за реализација на бројни заеднички проекти во рамки на европските образовни програми.

„Посакувам во иднина овие области, заедно со економијата да останат приоритетен фокус на двете земји и заедничките активности да бидат насочени во тој правец, затоа што тоа е она што ги интересира граѓаните – поквалитетно образование и можности за надградба на личниот потенцијал, подобри можности за работа и повисоки плати. Да ги затвориме оние поглавја од билатералните односи кои создаваат разни форми на тензичност и едноставно го поткопуваат добрососедството“, потенцираше Шаќири.