Избрани претставниците за Европското финале на „Европскиот квиз на пари”

Наши претставници на Европското финале на „Европскиот квиз на пари” ќе бидат учениците од училиштето СУГС „Joсип Броз Тито“ – Скопје, Матеја Талеска и Дино Дановиц, под менторство на професорката Емилија Величкова, кои на националниот натпревар успеаа да ги победат останатите 439 тима, од кои 423 тима се натпреваруваа на македонски, а 16 тима на албански јазик.

Второто место го освоија учениците Теона Митревска и Јани Јеренда од училиштето СЕПУГС „Васил Антевски Дрен” – Скопје, под менторство на професорката Биљана Ниновска, а третопласирани се Марија Вчкова и Стефанија Сарафимова од училиштето СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, под менторство на професорката Јасминка Ризова.

Ова се резултатите од националниот натпревар што се одржа по четврти пат, за време на Глобалната/европската недела на пари, а на кој учествуваа 878 ученици под менторство на 94 наставници/професори од 72 основни и средни училишта од целата земја.

Европското финале на квизот, ќе се одржи на 10-ти мај и ќе се одвива виртуелно. Освен со парична награда, за првпат, Европската банкарска федерација петте најдобри тима ќе ги награди со дводневно патување во Брисел, Белгија.

„Европскиот квиз на пари” е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на ученици од 13 до 15-годишна возраст, што Македонската банкарска асоцијација го организира во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија.