Во Норвешка продолжува најголемата арктичка вежба на НАТО во последните 30 години

Најголемата воена вежба на Северноатлантскиот сојуз (НАТО) на Арктикот во последните 30 години „Студена реакција 2022“, се продолжува во студените временски услови ширум Норвешка, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вежбата која започна на 14 март ќе продолжи на 1 април. Дури 30.000 војници од 27 земји од Европа и Северна Америка се дел од вежбата под водство на Норвешка и партнерите од Финска и Шведска.

Во соопштението на НАТО се наведува дека во рамките на вежбата се распоредени 220 авиони, како и 50 бродови, вклучително две групи носачи на авиони од Велика Британија и Италија.

НАТО соопшти дека „Студена реакција“, чиј домаќин на секои две години е Норвешка, е долго планирана и редовна вежба. Додаваат дека овогодинешната вежба е најавена пред повеќе од осум месеци и не е поврзана со руската војна против Украина на 24 февруари.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на 25 март се сретна со војниците кои учествуваат во вежбата во северна Норвешка, велејќи дека тоа го покажува единството и силата на НАТО на дело.

Столтенберг истакна дека крајниот север е регион од стратешко значење за НАТО и дека во последните години дошло до значајно зголемување на руската воена активност во регионот.

Тој нагласи дека присуството на НАТО во тоа подрачје не е да предизвика судир туку да го спречи судирот и да го сочува мирот.

Столтенберг рече дека Норвешка ги повикала сите 57 членки на Организацијата за европска безбедност и соработка да ја надгледуваат вежбата, но дека Русија го одбила тој повик.

извор: Агенција Анадолија (АА).