7.850 средношколци дел од ПИСА-тестирањето

Каков е квалитетот на образованието кај нас и со колкав образовен капитал располагаат средношколците на 15 годишна возраст, ќе се мери со меѓународното тестирање ПИСА 2022 во кое, меѓу 85 земји учеснички од светот, по четврти пат учествува и Северна Македонија со репрезентативен примерок од 7.850 средношколци. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денес, рече дека ПИСА тестирањето е проверка на јазичната, математичката и научната писменост, односно знаењата на учениците во областа на природните науки, а годинава за прв пат ќе се мери и креативното размислување на учениците.

„Ова е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое го спроведува ОЕЦД и со него се мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Сите задачи кои се во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми“, изјави министерот Шаќири.

ПИСА тестирањето за прв пат кај нас се реализира електронски. Минатата година Министерството за образование и наука заедно со Државниот испитен центар спроведоа бројни подготвителни активности и пробно тестирање. Министерот Шаќири посочи дека учениците се подготвени и не стравуваат дека резултатите ќе влијаат на нивните крајни оценки, а најважно е што значително е подигната свеста дека со учеството секој поединец дава придонес кон унапредување на политиките за развој на националниот образовен систем.

„Резултатите од ПИСА ни се од голема важност, посебно во овој период во кој ги спроведуваме најкрупните образовни реформи досега во нашата земја. Тие ќе ни помогнат во носењето стратешки одлуки и ќе ни овозможат реално планирање на мерки за подобрување на квалитетот на образованието, кое кај младите ќе развива компетенции со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд, за кој сè помалку важат локални правила. Затоа и споредбите со резултатите што ги постигнале други земји се прават за најсоодветно да ги искористиме нивните искуства за планирање на активности кои ќе ги подобрат резултатите кај нашите ученици“, нагласи Шаќири.

Република Северна Македонија, преку Министерството за образование и наука до сега има учествувано во три циклуси: ПИСА2000, ПИСА2015, ПИСА2018 и сега ПИСА2022. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.