На трибината со просветните работници, која се одржа под насловот „Промените се случуваат, секогаш со народот“, денес во Штип, свое обраќање имаат и пратеникот Миле Лефков и градоначалникот Иван Јорданов.
Пратеникот Лефков истакна дека овие трибини се исклучително важни од причина што директно се информира јавноста за она што се случува внатре во Собранието на Република Македонија, особено сега кога е започнат штрајкот на просветните работници, бидејќи ПР-от на Владата се служи со манипулации во однос на барањата на наставниците.
– Ако ја следите работата на Собранието безброј пати се споменуваше закон за наставници и стручни соработници и дека истиот бил блокиран од страна на опозицијата и ние многу тешко можевме да дојдеме до јавноста да објасниме што се случува. Би сакал да започнам од законот за минимална плата бидејќи сметам дека тоа е основата која ги придвижи сите работи во оваа насока. Платите се надомест на работникот, соодветно на тоа и платите на наставниците за трудот кој го вложиле и таа плата треба да ни овозможи одреден достоинствен живот. Она што предизвика да се појде во еден круг на покачување на минималната плата беше токму инфлацијата која ја споменавме. Владата на Ковачевски често наоѓа изговори и вели дека инфлацијата е резултат на инфлацијата во еврозоната, меѓутоа ако погледнете ќе видите дека инфлацијата во Македонија се појавува пред таа во еврозоната и првиот скок на инфлацијата се појавува поради воведување на акцизите на горивата и продолжува со нескротливо темпо над 8%, реално во маркетите гледаме и над 20-30% инфлација што значи дека парите кои ние ги добиваме вклучително и наставниците, вредат сѐ помалку. Ситуацијата во Македонија е дополнително обременета што наставниците во Република Македонија имаат најниски плати во регионот, Србија зема 580 евра, БиХ, Црна Гора, Хрватска 970, меѓутоа, значајно е дека во тие држави просечната плата на наставникот е повисока од просечната плата во државата, кај имаме ситуација просечната плата на наставниците да е пониска од просечната плата во државата. Кога дојде законот за минимална плата, ние предложивме амандман со кој практично рековме, ако ја усогласуваме минималната плата, потребно е таа скалесто да биде усогласена за сите други. – додаде Лефков.
И градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, даде свој коментар за ситуацијата со наставниот кадар и последните случувања и рече дека оваа трибина не е во насока да се даде политички белег на протестите, туку да се тргнат сите шпекулации кои циркулираат во јавноста.
– Во последните два дена, поголем дел од вработените сигурно сте добиле информација дека доколку се приклучите на штрајкот, ќе бидете заменети со лица пријавени во Заводот за вработување, или пак ќе добиете намалени примања, или казнети. Станува збор за една ноторна лага затоа што правото на протест е уставно загарантирано и никој не може да ви го спори, ниту пак да користи инструменти за заплашување и шпекулации. Затоа, чувствувам обврска да ве охрабрам, не сакам да го политизирам ниту пак сум го политизирал овој протест и еве да кажам дека без причина се немам јавено за да се приклучи на овој протест, сѐ до момент додека видов одредени носители на јавна функција и директори на одредени институции ја надминале надлежноста и искомуницирале со вработените дека треба да останат настрана, односно да не се приклучат на протестот. Јас никого нема да присилам да се приклучи но никогаш нема да дозволам некој кој што има искрена желба да се бори, да биде да биде заплашуван, уценет или дезинформиран. – кажа Јорданов.
Јорданов додаде дека ги охрабрува да се борат за нивната јасна цел и за да стигнат до неа треба да го направат системот нефункционален, за да ги предизвикаат челниците од власта да седнат заедно со нив на преговарачка маса.