На пленарната седница на Европскиот парламент денеска беше одобрен ставот на институциите на ЕУ, за воведување ист тип полначи за сите преносливи електронски уреди што се продаваат во земјите членки, објави Агенција Анадолија (АА).
Европските пратеници „се подготвени да ги започнат преговорите“ со земјите членки на ЕУ и Европската комисија „за заеднички полнач за да се намали електронскиот отпад и поудобно да биде користењето мобилни телефони, таблети и камери“, вели Парламентот во соопштението за медиумите.
Според новите правила, полначот УСБ-Ц ќе стане стандардна опрема за сите смартфони, таблети, камери, слушалки и преносливи звучници.
Поинаков полнач ќе се користи само за уреди кои се многу мали за полнач УСБ-Ц, како смарт-часовници и фитнес-опрема.
Законот би значел голема промена за технолошкиот гигант „Епл“, кој инсистира на користење сопствена технологија и опремување на „Ајфон(и)“ со специјални полначи.
Според малтешкиот пратеник на ЕУ, Алекс Аигус Салиба, кој го подготви предлогот, промените значително ќе намалат 11.000 – 13.000 тони електронски отпад кој се произведува секоја година во ЕУ.
Ако законот се уважи, новите правила се очекува да стапат на сила до 2026 година за да им овозможат на производителите да се приспособат на новите барања.
Според пресметките на Европската комисија, промената ќе заштеди по 250 милиони евра за европските потрошувачи секоја година.
Во 2020 година, преку 420 милиони мобилни телефони и други електронски преносливи уреди биле продадени во блокот.
извор: Агенција Анадолија (АА).