Претседателот на Шри Ланка прогласи вонредна состојба

Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса прогласи вонредна состојба среде широко распространетите јавни протести, на кои граѓаните бараат негова оставка поради најголемата економска криза во земјата во последните години, известува Агенија Анадолија (АА).

Претседателот Раџапакса потпиша декрет со кој вонредната состојба во земјата вчера стапи во сила.

Шри Ланка е близу до банкрот, бидејќи објави дека ја запира отплатата на своите долгови кон странство, а употребливите девизни резерви се помали од 50 милиони долари. Годинава оваа земја треба да отплати долгови кон странство во вредност од 7 милијарди долари на долгот од 26 милијарди, чиј рок за отплата е до 2026 година.

Демонстрантите бараат Раџапакса и неговите моќни владеечки семејства да се повлечат, сметајќи ги за одговорни за економската криза. Слични протести се проширија во повеќе градови низ земјата.

Веќе неколку месеци населението во редици чека за купување гориво, плин, храна и лекови. Имајќи го во предвид растот на цената на нафтата поради руско-украинската војна, резервите на гориво во Шри Ланка се намалуваат. Властите најавија прекини во испораката на електрична енергија во целата земја, бидејќи не можат да обезбедат гориво за електраните.

извор: Агенија Анадолија (АА).