Финска и Шведска поднесоа барањa за членство во НАТО

Финска и Шведска денеска официјално ги поднесоа своите апликации за членство во воената алијанса НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Топло ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за влез во НАТО“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по примањето на формалните апликации за членство од Клаус Корхонен и Аксел Вернхоф, амбасадорите на Финска и Шведска во НАТО, Брисел.

Нарекувајќи го потегот историски чекор во историјата на Алијансата, Столтенберг истакна дека Шведска и Финска се најблиските партнери на НАТО и дека нивното членство „ќе ја зголеми заедничката безбедност“.

Столтенберг нагласи дека сојузниците во НАТО „се одлучни да работат на сите прашања и да донесат брзи заклучоци“ за процесот на членство.

Тој, исто така, потврди дека НАТО веќе ја подигнал будноста во регионот на Балтичкото Море и неговите сили „ќе продолжат да се приспособуваат според потребите“.

Овој потег доаѓа и покрај загриженоста на Русија дека проширувањето на НАТО ќе има дестабилизирачки последици за безбедноста во Европа.

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот рече дека Москва нема проблем со Шведска или Финска, но дека проширувањето на воената инфраструктура на овие територии сигурно ќе предизвика одговор од Русија.

Турција, која е долгогодишна членка на НАТО, исто така ги изрази своите приговори за членството на Финска и Шведска, критикувајќи ги двете нордиски земји за толерирање, па дури и поддржување на терористички организации.

За да може една држава да се приклучи кон НАТО, потребно е едногласно одобрение од сите 30 земји негови сојузници.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).