Димитриеска Кочоска: Ако Владата не запре со недомаќинското работење, цената на струјата ќе расте и во иднина

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска при денешната посета во Општина Зрновци одговарајќи на новинарско прашање дали очекува да има поскапување на цената на струјата истакна дека имајќи во предвид дека државните енергетски компании имаат комплетно непродуктивни трошоци и недомаќинско работење со што се предизвикани огромни трошоци, нормално дека ќе се очекува скок на цената на струјата.
„Регулаторната комисија за енергетика ги формира цените врз база на трошоците кои што ги добива од страна на 3-те големи компании, а тоа се ЕВН, ЕСМ или бившо ЕЛЕМ и МЕПСО. Имајќи во предвид дека станува збор, поготово за овие двете државни компании кои што во последнава година имаат комплетно непродуктивни трошоци, недомаќинско работење и тука треба и Јавното обвинителство да се занимава повеќе со коруптивни скандали итн. Сето тоа доведе до огромни трошоци и очекувања дека цената на електричната енергија повторно ќе се зголеми. Не можам однапред да предвидам затоа што трошоците се ненормално зголемени“, истакна Димитриеска Кочоска.
Таа исто така апелираше до Владата да преземе нешто во однос на енергетските капацитети затоа што на државата ѝ следува тешка зима и доколку се продолжи вака, корекции на цената на струјата ќе има не само во јуни, туку и пред крајот на годината иако тогаш не е период за корекции.
„Јас верувам дека Владата нема да оди со реалните математики затоа што тогаш би имале премногу високи цени и премногу висок скок кај цената на електричната енергија, меѓутоа повторно апелирам до власта да преземат нешто во однос на овие енергетски капацитети затоа што нас ни следува тешка зима. Ни следува тешка година не само од тој аспект. Очекуваме цените на храната на оние битни производи да растат заради случувањата во Украина и ако Владата и по ова прашање ништо не преземе, а гледаме со енергетските компании дека ништо не се презема, јас се плашам дека не само во јуни, корекции може да имаме и пред крајот на годината иако тогаш не е период за корекции, но со вакво недомаќинско работење не може да биде ништо освен корекции нагоре“, потенцираше Димитриеска Кочоска.
извор: ВМРО ДПМНЕ
фото: Архива NEWS1