Во рамките на посетата на Светата Столица, како дел од програмата за одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи имаа средба со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.
На средбата беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето на дипломатските односи бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство.
Круна на силната динамика на взаемните пријателски односи, беше речено на средбата, беше монументалната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија во мај 2019 година, настан од исклучително значење не само за унапредување на билатералните односи, туку и за регионот.
Соговорниците на состанокот истакнаа дека духовните врски преку цивилизациското наследство на Мајка Тереза и Светите Кирил и Методиј, се преточуваат и во пријателски политички односи со Ватикан кои во последните години се потврдени и низ зголемената динамика на билатералните средби на највисоко ниво.
На средбата стана збор и за подготовките на двете страни за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, чествувањето во текот на денот продолжи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре. Програмата по повод чествувањето на Светите браќа Кирил Методиј попладнето продолжува со концерт на светски познатиот тенор Благој Нацоски.
фото: Влада
извор: Влада