Албанскиот парламент доцна попладнево за нов претседател на државата го избра генерал Бајрам Бегај

Албанскиот парламент доцна попладнево за нов претседател на државата го избра генерал Бајрам Бегај, досегашен началник на Генералштабот на вооружените сили.

За неговиот избор гласаа 78 пратеници, а покрај владејачките социјалисти поддршка му дадоа и опозициски пратеници. На пленарната седница пристигнаа дел од пратениците на Демократската партија приврзаници на Енкелејд Алибеај, но веднаш ја напуштија, додека оние на Сали Бериша беа во собраниската сала.

Претходно, како што налага Уставот за предлог-кандидатурата се потпишаа 37 пратеници (потребни се 20) меѓу нив и Еди Рама.

Претседателот на Албанија, Илир Мета претходно го отповика Бегај од функцијата началник на ГШ на албанската армија, со што го отвори патот за негов избор.

Бегај за началник на ГШ на вооружените сили на Албанија беше назначен 2020 година. Пред тоа беше Командант на неколку армиски сектори. Роден е на 20 март 1967 година во Рогожина. Дипломирал на медицинскиот факултет, посетувал многу обуки во земјата, САД и во Грција. Оженет е с0 Арманда Бегај и е татко да две деца.

Генерал Бегај (55) е осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот, а втор висок армиски старешина на оваа функција, по Алфред Моисиу( 2002-2007) кој исто така по чин беше генерал.

извор: Република

фото: NEWS1.al