Петков – Во францускиот предлог ќе има гаранции за Бугарите во Северна Македонија

Како премиер нема да донесам никаква одлука ако не ја донесе бугарскиот Парламент, изјави вечерва бугарскиот премиер Кирил Петков во врска со францускиот предлог за кревање на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

„Единственото нешто што ќе го кажам на масата со европските лидери е дека нема да го сменам бугарскиот став доколку нема одлука од бугарскиот Парламент“, изјави Петков.

Во интервју за Бугарската национална телевизија, Петков рече дека без бугарскиот Парламент нема да има одлука, наведувајќи дека доколку е вистина тоа што го слушнал, во францускиот предлог ќе има гаранции за Бугарите во Република Северна Македонија и во однос на антидискриминацијата и во однос на Уставот на земјата.

Францускиот предлог во врска со кравањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, денеска беше испратен до Комисијата за надворешна политика на бугарското Национално собрание.

 

Радио Слободна Европа