СДСМ: Декларација за стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во време на криза, избори во 2024 година

На денешната средба на владините коалициони партнери беше усвоена и потпишана Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза.

Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна, се вели во соопштението од СДСМ.

Во продолжение на истото од партијата додаваат:

Оттука, сите владини партнери заеднички заклучија дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат. Затоа, владините партнери го затворија ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, стои во Декларацијата.

За нашиот евроинтеграциски процес владините партнери ги реафирмираа позициите дефинирани во Резолуцијата усвоена во македонскиот парламент. Останува посветеноста на сите владини партнери во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот Рамковен Договор, Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство со Р.Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите.

Конечно, владините партнери целосно ги отфрлија деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите и ги повика да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом.

Политичкиот дијалог со опозицијата треба да се одвива на конструктивно ниво, во рамки на демократски избраните институции околу прашањата од највисок национален интерес.

Легитимно право е на опозицијата да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава.

Граѓаните во оваа владина коалиција имаат стабилен партнер кој им служи на нивните потреби, сто во Декларацијата.

Граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари. Затоа во овој период тие очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес.

Одговорни политички субјекти се водат исклучиво од интересите на граѓаните и во мирнодопски и во кризни околности.

извор: СДСМ

фото: СДСМ