Продолжува потрагата по двајцата македонци во морето кај Халкидики, досега нема трага

Продолжува потрагата по двете момчиња од Македонија, кои морските струи вчера попладне ги одвлекоа кај првиот крак на Халкидики, Касандра.

Спасувачката акција започна вчера околу 19 часот по локално време, откако тројцата пријатели, на плажата Мити во Посиди, влегле во морето, но веројатно биле повлечени од струите и брановите, поради лошото време.

Според грчките медиуми, исчезнатите се на возраст од 28 и 30 години, додека третиот, кој беше извлечен од водата, е на 25-годишна возраст.

Потрагата и денеска се одвива под лоши временски услови, со силен ветер со јачина од шест бофори (над 40 километри на час), а во акцијата учествуваат бродови на крајбрежната служба, чамци и бродови што се во близина и хеликоптер.

Според локалните медиуми, еден од тројцата пријатели имал роденден и дошле на Халкидики за да го прослават, а во некој момент влегле во морето да се капат, без да ги земат предвид силниот ветер и брановите. Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започнала и спасувачката акција.

 

Слободен печат