Државниот инспекторат за животна средина со информација за квалитетот на воздухот во Скопје

Со цел следење на квалитетот на воздухот во околината на локацијата каде се изведува проектот за ремедијација на линданот во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје (мала депонија), поставени се 2 мониторинг станици. Целта е да се следат евентуални нарушувања на квалитетот на воздухот надвор од ОХИС – за локалното население и да се преземат дополнителни мерки на заштита ако дојде до надминување на граничните вредности.
➡️Првата мониторинг станица се наоѓа во кругот на основното училиште Гоце Делчев во населба Лисиче, а втората е во кругот на Македонско Еколошко Друштво (МЕД) во близина на Цементарница Усје АД Скопје.
Според стандардните постапки за следење на концентрациите на различните HCH изомери во воздухот, истиот се собира на полиуретанска пена (PUF), со помош на пумпа за воздух со познат проток во текот на една недела, а потоа се врши анализа на количествата на НСН изомерите на PUF-от и се пресметуваат просечни концентрации на истите во воздухот за мерниот период. Мерењата се вршат во акредитирана Лабораторија за хроматографски анализи при Природно-математички факултет, Институт за Хемија во Скопје / Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ од страна на стручни лица со современа опрема.
➡️Достапните резултати од мерењата се однесуваат на периодот 11.04.2022 до 13.06.2022, и според претходно опишаната методологија се однесуваат за просечни неделни концентрации.
Не постојат дефинирани гранични вредности за концентрација на линданот во националното законодавство, но затоа се користат веќе дефинираните гранични вредности развиени во рамките на Студиите за проценка на ризик за фабриката ОХИС изработени од реномирани консултантски компании, а се базирани на меѓународни гранични вредности за квалитет на воздух при ремедијација на локации со линдан.
⚠️Во целиот период на следење на квалитетот на воздухот на двете мерни места во околината на ОХИС откако се започнати активностите во малата депонија, измерените концентрации на сите изомери на HCH се под нивото на нивните гранични вредности.
⚠️Поради зголемување на температурите можна е појава во одредени временски интервали да се јавува непријатен мирис кој потекнува од големата депонија и оваа состојба е години наназад, а оваа депонија локациски се наоѓа веднаш до малата депонија каде се изведуваат активностите.
📍ДИЖС континуирано врши инспекциски надзори, а во моментов 15 денови не се изведуваат активности во шаторот-мала депонија. За сите активности ДИЖС е во координација со МЖСПП, Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи и сите изведувачи на проектните активности.
FB страна  ДИЖС